Околу 300 незадоволни просветни работници членови на сидникат денеска во дворот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ излегоа на мирен протест барајќи покачување на плата и потпишување на Колективен договор. Претседателот на Сојузот на синдикати на УКИМ професорот на Правниот факултет Ангел Ристов на протестот изјави дека најавеното покачување на платите со ребалансот на буџетот е минимално и дека уште пред да се случи инфлацијата „веќе го изеде“. Тој додаде дека владините предлози за покачување на платата од септември синдикатот не го прифаќа.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во врска со протестот вчера изјави дека е отворен за соработка, наведувајќи дека со ребалансот на буџетот е предвидено повисоки плати да имаат од септември, дека средствата се предвидени и таа постапка е почната од неговата претходничка Мила Царовска.
Ристов додаде долго време биле трпеливи и имале разбирање за економската состојба на државата.
„Но, на трпението му дојде крајот. Мора да се избориме за нашите права и за достоинствени плати. Доколку ние тоа не го направиме никој за нас тоа нема да го направи. Ние веќе нема да молчиме. Автономијата без достоинствени плати е илузија“ изјави Ристов.
Се проширува списокот на штрајкови за поголеми плати, Владата во „небрано“
Тој додаде дека еден доцент доктор на науки има пониска плата од просечната плата во државата. Ристов посочува дека платите на ненаставниот кадар се под достоинството.
„УКИМ со децении е заборавен и запоставен од сите досегашни влади. Наместо да биде двигател на развојот во општеството, носител на прогресот, креатор на иднината на младите, денес УКИМ се бори за голата егзистенција. Прашувам дали во оваа држава уште е потребно високото образование. Од односот на државата јасно произлегува одговорот“ изјави професорот Ристов.
Најавен протест на професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Професорите велат дека денешниот протест има за цел да испрати порака до Владата дека веќе не може вака. Тие бараат итно да се потпише Колективен договор за кој преговараат повеќе од една година, за, како што велат, да се врати достоинството на научните работници и вработените на УКИМ. Тие бараат и систематско четиригодишно покачување на платите за да дојдат до достојното ниво на плати. Ако овие барања не се прифатат следниот нивни собир ќе биде пред Владата.