Изборот на уставни судии на седница на Комисијата за избори и именувања

Уставен суд, Скопје

Изборот на уставните судии е на дневен ред на денешната собраниска Комисија за избори и именувања. Претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска претходно изјави дека продолжението на седницата на Комисијата за избор на судиите се одолговлекло поради обврски на членови на Комисијата. Таа посочи дека на претходната седница биле доставени девет предлози за уставни судии и тоа три од мнозинството и шест од опозицијата. Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во понеделникот одржа средба на шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери за блокадата на изборот на четирите уставни судии.

Кацарска- Ако до декември не се изберат нови судии, ќе влеземе во уставна криза

Кацарска по состанокот со државниот врв изјави дека ако до крајот на годината Судот не биде комплетиран тогаш на државата и се заканува уставна криза. Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.

Зошто власта, а ни опозицијата не предлагаат нови уставни судии


Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии. Предложени се девет кандидати. Пратениците од власта ги предложија републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложија шест кандидати: универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.