Војници, кувари, водители...
ЕУ / РУСИЈА - Врховниот суд на Европската унија ја отфрли жалбата на бизнисменот поврзан со Кремљ, Евгениј Пригожин, за неговото вклучување во списокот на санкционирани лица во врска со граѓанската војна во Либија, пишува англиската редакција на Радио Слободна Европа (РСЕ).
МАКЕДОНИЈА - Околу 86 килограми марихуана во вредност од околу 300.000 евра запленила македонската полиција со што, како што тврди МВР е пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога од Албанија со крајна цел Грција. Во полициската акција е приведен 23 годишен маж, кој додека бегал по патот Прилеп - Битола, ја фрлал дрогата од колата.
УКРАИНА - Руските сили ја презедоа контролата врз поголемиот дел од клучниот град во Донбас, Северодоњецк, во услови на жестоки борби, додека Киев ја чека испораката на клучното напредно американско и германско оружје за кое Москва предупреди дека со тоа ќе се долее масло „на огнот“ во војната во источна Украина.
САД - Украина им вети на СAД дека нема да ги користи напредните ракетни системи обезбедени од Вашингтон за гаѓање цели на руска територија, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Претходно претседателот на САД, Џо Бајден, соопшти дека одобрил испорака на вакво оружје на Украина.
ИРАН - Иранската валута, риалот, продолжи да слабее откако се зголемија немирите во земјата поради лошата економија погодена од ефектите од санкциите на САД воведени за нуклеарната програма на Техеран.
ЕУ / ХРВАТСКА - Европската комисија (ЕК) денеска потврди дека Хрватска ги исполнила сите услови за воведување на еврото како државна валута и дека со тоа може да започне од 1 јануари 2023 година.
МАКЕДОНИЈА - Над 95 проценти од резидентно население на возраст од над 15 години во државата се писмени, додека 1,2 проценти или 18 897 се неписмени. Поголемиот дел од писменото население се жени, но и над две третини од тие што се неписмени. Ова го покажува третиот сет на податоци од Пописот 2021, објавен денеска од Државниот завод за статистика.
ВАТИКАН - Папата Франциск предупреди дека храната не може и не треба да стане оружје во војната што Русија ја започна против Украина. 85-годишниот Папа за време на редовна аудиенција на плоштадот Свети Петар во Ватикан изјави дека блокадата на извозот на жито од Украина, од која зависат милиони луѓе, особено во најсиромашните земји, „предизвикува голема загриженост“.
МАКЕДОНИЈА - Одговорните лица во општините Петровец, Сарај, Брвеница, Чаир како и во Државното правобранителство да бидат кривично гонети бара Антикорупциска комисија поради исплата на пари на ТВ-водителката Бесмира Ејупи. Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука за овој предмет да поднесе иницијативи до Јавното обвинителство за покренување постапки за гонење на одговорните лица.