Русите го контролираат поголемиот дел од Северодоњецк, Киев го чека напредното оружје

Фотографија од конфликтот во Донбас

Руските сили ја презедоа контролата врз поголемиот дел од клучниот град во Донбас, Северодоњецк, во услови на жестоки борби, додека Киев ја чека испораката на клучното напредно американско и германско оружје за кое Москва предупреди дека со тоа ќе се долее масло „на огнот“ во војната во источна Украина.

Украинските сили држат само 20 проценти од Северодоњецк, Русите контролираат повеќе од 60 отсто, додека остатокот стана „ничија земја“, изјави денеска Олександр Стрјук - украинскиот шеф на градската администрација.

Стрјук рече дека Украинците кои водат битки во градот сè уште се надеваат дека можат да спречат Русија да преземе целосна контрола.

Некои украински војници се повлекоа на поповолни позиции, изјави Серхи Хејдеј, шеф на регионалната воена администрација на Луганск, додека другите војници продолжуваат со борбите во градот.

Британското Министерство за одбрана претходно во своето секојдневно известување, соопшти дека според неговите проценки „над половина од градот веројатно сега е окупиран од руските сили, вклучително и од чеченските борци“.

Во меѓувреме, САД се согласија да испорачаат на Украина ракетни системи со поголем дострел како поттик за вооружените украински сили.