Украина им вети на СAД дека нема да ги користи напредните ракетни системи обезбедени од Вашингтон за гаѓање цели на руска територија, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Тој истакна дека очекува војната во Украина да трае „повеќе месеци“ и покрај притисокот на бојното поле.
„Најдоброто што можеме да го процениме во моментов е дека сè уште гледаме на повеќемесечен конфликт“, рече Блинкен на заедничката прес-конференција со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг.
Американскиот претседател Џо Бајден се согласи да и обезбеди на Украина ракетни системи кои можат прецизно да гаѓаат руски цели со долг дострел како дел од пакетот оружје од 700 милиони долари.
„Украинците ни дадоа гаранции дека нема да ги користат овие системи против цели на руска територија“, рече Блинкен.
„Постои силна доверба меѓу Украина и САД, како и со нашите сојузници и партнери“, рече Блинкен.
Џонатан Финер, заменик-советникот за национална безбедност на Белата куќа, претходно изјави дека Вашингтон верува дека системот ќе ги задоволи потребите на Киев.