Основното јавно обвинителство денеска соопшти дека надлежен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција подел обвинение до Основниот кривичен суд Скопје против три лица кои злоупотребиле средства на Европската заедница.
Обвинителството наведува дека првообвинетата во периодот од 2018 до 2020 година како одговорно лице – директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност со намера за друг да прибави значителна имотна корист, ја злоупотребила својата службена положба и овластување и постапила спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.
„Непочитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др“, се вели во соопштението на Обвинителството објавено на неговата веб-страница.
Обвинителсниот акт доаѓа откако во октомври 2020 година Финансиска полиција поднесе кривична пријава против директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова и против сопственикот на Друштвото за трговија и услуги В.Е.З. Трејд, Зоран Златковски.
До тоа дојде откако во јавноста беа објавени извештаи за тоа како се делеле пари за образовни проекти преку агенцијата, по што истрага за евентуална злоупотреба на средствата спроведе Финансиската полиција, а која наодите ги достави до Јавното обвинителство.
Тогаш беше соопштено дека кривичната пријава е поднесена и против А.Г., надворешен советник и против А.П, благајник во Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, а дека лицата се осомничени дека причиниле штета во вкупен износ од над 25 милиони денари.
Финансиската полицја наведе дека тие се товарат за кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „измама на штета на средства на европската заедница“, „соизвршителство“ и „несовесно работење“.
Обвинителството денеска соопшти дека првообвинетата постапила спротивно и на Уредбата за издатоци за службени патувања и селидби во странство и спротивно на одредбите од подзаконските акти со кои било прецизирано работењето на Националната агенција за европски образовни програми и мобилности.
Второобвинетиот, се вели во соопштението, бил времено ангажиран како надворешен соработник, кој заедно и по претходен договор со првообвинетата, во временскиот период од почеток на 2019 година до месец април 2020 година употребувајќи факсимил што му го дала првообвинетата изготвил десет обрасци за „каса исплати“ и прикажал невистинити податоци дека наведениот износ на парични средства претставува аванс за негово службено патување, без притоа да приложи соодветна документација пропишана во подзаконските акти.
„Врз основа на овие обрасци од страна на третообвинетата – благајник во Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност му биле исплатени парични средства во вкупен износ од 943.757,00 денари“, наведува обвинителството.
Третообвинетата, која била службено лице - благајник во Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност пропуштила должен надзор и несовесно постапила при вршење на своите овластувања и должности и со тоа за друг прибавила поголема имотна корист.
Таа, обрасците со невистинита содржина ги примила од второобвинетиот, иако немале оригинален потпис на првообвинетата, ниту пропратна документација и спротивно на работните обврски на нејзиното работно место не изготвила благајнички дневник и касов извештај од благајната и на второобвинетиот му ги исплатила паричните средства за наводните службени патувања, наведува обвинителството.
Обвинителството наведува дека со опишаните дејствија обвинетите предизвикале штета на други средства на државата: средства со кои управува Европската заедница или се управува во нивно име во вкупен износ од 19.945.731,00 денари или околу 320.000 евра.
Првообвинетата сторила две кривични дела: кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување и кривично дело Измама на штета на средства на Европската заедница.
Второобвинетиот сторил кривично дело Измама на штета на средства на Европската заедница и третообвинетата сторила кривично дело Несовесно работење во службата.