Судот на ЕУ ја отфрли жалбата на „готвачот на Путин“ за активностите на групата Вагнер во Либија

Евгениј Пригожин, познат како „готвачот на Путин“, првпат беше санкциониран од ЕУ во октомври 2020 година, а Брисел тврдеше дека тој бил финансиер на платеничките активности на групата Вагнер во Либија. (архивска фотографија)

Врховниот суд на Европската унија ја отфрли жалбата на бизнисменот поврзан со Кремљ, Евгениј Пригожин, за неговото вклучување во списокот на санкционирани лица во врска со граѓанската војна во Либија, пишува англиската редакција на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Пригожин е познат како „готвачот на Путин“, бидејќи една од неговите компании работела кетеринг за Кремљ, а тој првпат беше санкциониран од ЕУ во октомври 2020 година, бидејќи Брисел ги наведе неговите врски со платениците на групата Вагнер и нивните активности во Либија.

Блокот, исто така, наведе дека групата Вагнер го прекршила меѓународното ембарго за оружје за Либија и дека нејзините борци биле вклучени во воени операции против владата поддржана од Обединетите нации (ОН).

Соединетите Американски Држави претходно го санкционираа Пригожин за мешање во претседателските избори во САД во 2016 година, а на почетокот на оваа година ЕУ го стави на црната листа за дејствија што го поткопуваат територијалниот интегритет на Украина.

Санкциите кон Либија, кои се состојат од замрзнување на имотот и забрана за издавање визи, беа обновени за една година во 2021 година, но Пригожин поднесе жалба до судот со седиште во Луксембург тврдејќи дека „не знае за ентитет познат како Вагнеровата група“ и рече дека ЕУ не успеала да најде оправдување за тој потег.

Сепак, судот во својата денешна пресуда го отфрли аргументот на Пригожин, велејќи дека „пакетот докази содржи конкретни, точни и конзистентни докази кои покажуваат голем број блиски врски помеѓу г-дин Пригожин и групата Вагнер“ и дека пакетот докази вклучува и „извадоци од извештајот на генералниот секретар на ОН и новинските написите од различни извори, како што се новинските агенции или медиумските организации кои сите се достапни на јавноста“.

Се верува дека групата Вагнер ја води рускиот бизнисмен Евгениј Пригожин, близок соработник на претседателот Владимир Путин.

Претставници на ЕУ, кои сакаа да останат анонимни, за РСЕ изјавија дека исходот од судската постапка дава јасен сигнал дека санкциите на блокот против различни високи руски функционери се правно оправдани. Тие додадоа дека во наредните месеци се очекуваат повеќе поплаки од лица поврзани со Кремљ кои се на црната листа за нивната поддршка за руската војна во Украина.