Германија ѝ вети противвоздушни системи на Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц вети дека ќе и испрати на Украина високотехнолошки противвоздушни системи како обид да ги смири критиките од членовите на опозицијата дека не обезбедила доволно воена помош во борбата против неиспровоцираната инвазија на Русија.

Шолц во својот говор пред пратениците во Берлин истакна дека владата го одобрила предлогот за испорака на ракети ИРИС-Т и радарски системи во Киев додека Русија продолжува да гаѓа цели во источна Украина.

„Целта е да се осигура дека рускиот претседател Владимир Путин „нема да ја добие“ војната што ја започна во Украина. Нашата цел е Украина да може да се одбрани и да успее во тоа“,изјави Шолц.

Русија ја засили својата офанзива за да заземе понатамошен терен во областите каде што сепаратистите поддржани од Москва веќе имаат упориште бидејќи западните нации најавија воена помош за Украина.

Бајден: САД ќе испратат ракетни системи со поголем дострел во Украина

Најавата на Шолц доаѓа неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека Вашингтон ќе и обезбеди на Украина напредни ракетни системи кои можат прецизно да напаѓаат цели на оддалеченост до 80 километри.

Ракетите, познати како ХИМАР, можат да се користат и за пресретнување на руската артилерија и за отстранување на руските позиции во градовите каде што борбите се интензивни, како што е Северодонецк.