Од Илинденска до Пентагон, од Петков до Макрон
УКРАИНА / РУСИЈА - Украинскиот парламент одобри санкции против руската православна црква, односно патријархот Кирил и неговите соработници поради нивната поддршка на руската агресија врз Украина. Украинскиот пратеник Олексеј Хончаренко напиша на Фејсбук дека Врховната Рада гласала за одлуката против патријархот и неколку негови соработници.
МАКЕДОНИЈА - Колона од возила пред поголемиот дел од бензинските пумпи во Скопје се забележува денеска по најавеното покачување на цената на горивата кое стартува на полноќ.
БУГАРИЈА - Не, не преговараме, се подготвуваме за официјална посета на експертските тимови на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска. Таа на брифинг со министерот за надворешни работи на Азербејџан кој е во посета на Софија рече и дека досега нема никакви конкретни резултати.
РУСИЈА - Затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални изјави дека е информиран од истражителите дека се соочува со нови обвиненија за „создавање екстремистичка група“ во врска со неговата Фондација за борба против корупцијата (ФБК) и групите поврзани со неа.
МАКЕДОНИЈА - Oбвинителот Љубомир Лапе во завршните зборови за случајот „Талир 2“ побара обвинетите поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски да бидат прогласени за виновни и седиштето на политичката ВМРО-ДПМНЕ да биде одземено.
ГРЦИЈА - Грчкиот министер за здравство Танос Плеврис денеска информираше дека задолжителната маска во затворените простори во земјата од утре се укинува, а исклучок се болниците, домовите за стари лица и јавниот градски превоз. Одлуката, според него, ќе важи до 15 септември 2022 година.
МАКЕДОНИЈА - Целосно е изгаснат пожарот во магацините на компанијата „Пофикс“ во поранешниот тутунски комбинат „Македонија Табак“, објави градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами.
ГЕРМАНИЈА - Германските обвинители денеска извршија претрес во канцелариите на Дојче банк и нејзината подружница DWS по отворената истрага за таканареченото „ зелено перење пари“. Станува збор за тврдењата дека банката ги преувеличува одржливите акредитиви на некои од производите што ги продава, пренесува германската новинска агенција ДПА.
МАКЕДОНИЈА - Поранешниот владин генерален секретар Мухамед Зекири останува во притвор во истражниот затвор „Скопје“. Апелациониот суд на денешното рочиште го потврди првостепеното решение за притвор.
СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска порача дека очекува формирање на нова Влада до крајот на јули. Тој додаде дека косултациите со политичките партии ќе почнат штом ќе завршат формалните процедури во Собранието.
МАКЕДОНИЈА / САД - Македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска при работната посета на Соединетите Американски Држави во Пентагон ќе се сретне со потсекретарот за одбрана, задолжен за политички прашања Колин Кал, командантот на Националната гарда на САД, генералот Даниел Хокансон И и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт и неколку други воени функционери.