Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлука со која од полноќ малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 7,96 отсто. Таквата одлука, како што наведуваат оттаму, следи со оглед дека вечерва на полноќ истекува времетраењето на намалената акциза и данокот на додадена вредност за соодветните нафтени деривати (Одлуката за определување на видот на енергентите, временскиот период, како и начинот на пресметка на акцизата и Одлуката за определување на видот на добрата и временскиот период на примена на повластена даночна стапка).
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 9,00 денари за литар, додека на безоловниот бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 9,50 денари за литар. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 9,00 денари за литар, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 8,50 денари за литар. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС останува иста.
Тоа значи дека максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 104,00 (денари/литар), моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 106,50 (денари/литар), дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 95,00 (денари/литар), масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 93,00 (денари/литар) и Мазут М-1 НС 54,640 (денари/килограм).
Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 1 мај годинава. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт, според РКЕ, можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.