Навални се соочува со нови обвиненија

Алексеј Навални

Затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални изјави дека е информиран од истражителите дека се соочува со нови обвиненија за „создавање екстремистичка група“ во врска со неговата Фондација за борба против корупцијата (ФБК) и групите поврзани со неа.

„Денес истражителот повторно се појави и формално ме обвини за нов случај. Излегува дека создадов екстремистичка група со цел да поттикнам омраза кон функционерите и олигарсите. И кога ме ставија во затвор, се осмелив да бидам незадоволен поради тоа (глупав јас) и повикав на митинзи. Поради тоа би требало да додадам уште 15 години на мојата казна“ напиша на Твитер критичарот на Кремљ.

ФБК и другите групи поврзани со Навални, како и неговото политичко движење, беа прогласени за „екстремистички организации“ од руските власти во јуни 2021 година. Неколку соработници на Навални веќе се обвинети за истото дело.

Навални беше уапсен во јануари минатата година по неговото пристигнување во Москва од Германија, каде што беше лекуван од напад со нервен агенс.