Oбвинителот Љубомир Лапе во завршните зборови за случајот „Талир 2“ побара обвинетите поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски да бидат прогласени за виновни и седиштето на политичката ВМРО-ДПМНЕ да биде одземено.
„Обвинетите пристапиле кон преземање низа дејствија сето во насока да политичката партија противправно се стекне со имот- ново партиско седиште и со противправна имотна корист- финансиски средства, а спротивно на законските ограничувања“, изјави Лапе.
Лапе истакна дека обвинетите Груевски и Божиновски политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ја третирале како било кој трговски субјект. Според исказите од сведоците и изведените докази, како што посочи обвинителот Лапе, Груевски и Божиновски, биле тие кои ја дефинирале содржината на јавниот оглас, а не партиските органи. Со објавата на јавниот оглас, според него, е оставен простор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и стекнување на сопственост на имот, кој согласно закон политичката партија не ни можела да го стекне.
Од исказите на проектантите, обвинителот Лапе, рече дека првично проектирале објект на четири ката, а потоа следела промена и во висината и во ширината, како и во намената.
Груевски и Божиновски се товарат за злоупотреба на службената положба, бидејќи овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедувањето на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи. Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.