Ѓоргиев: Историјата мора да остане надвор од политичкиот процес меѓу Скопје и Софија

Софија- состанок на копретседателите на историската комисија Драги Ѓорѓиев и Ангел Димитров, 25.1.2022

Историјата мора да остане настрана од политиката. Ако зборуваме за иднината и го вклучуваме и минатото, тогаш тука многу тешко ќе има некакво решение, изјави денеска македонскиот историчар Драги Ѓоргиев одговорајќи на новинарско прашање дали е дозволиво условите на Бугарија да бидат дел од преговарачката рамка за влез во ЕУ.

„Ние неколку пати сме изјавувале дека историјата мора да остане настрана од политиката. Тоа мора да се почитува. Историјата мора да остане надвор од политичкиот процес на разговори меѓу двете држави“, изјави Ѓоргиев во одговор на прашање, пред почетокот на промоцијата на изданијата на Институтот за национална историја во Музеј на македонската борба за самостојност.

Европарламентот го усвои Извештајот за Северна Македонија со амандманите за „заедничка историја и помирување“ со Бугарија

На прашање дали за него се прифатливи бугарските гледишта, Ѓоргиев напомена дека резултатот од Комисијата покажува оти има големи разлики и дека нема апсолутна согласност на двете страни за одредени историски прашања.

Македонија очекува одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамките на преговорите за членство, одобрени од страна на сите земји членки во март 2020, но Бугарија продолжува да го блокира процесот поради билатерални прашања. Европскиот пат на Македонија и Албанија оди во пакет, па оттука, бугарската блокада за почеток на македонските преговори доведе до застој и на евроинтегративните процеси на Албанија. Бугарија веќе две години ги блокира претпристапните преговори на Македонија за влез во Европската Унија.