Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вели дека никој не може со сигурност да предвиди што ќе се случува зимава на полето на енергетиката. Според него ако порано клучен проблем беше само цената, сега може да ни се случи и она што го доживеаја Бугарија и Полска – да нема гас.
Втора работа е дали може да ја издржи нашата економија цената на природниот гас што е сега. Тој во интервју за новинската агенција МИА вели дека во таква ситуација се поставува и прашањето што ќе се прави ако нема купувачи на гас.
„ Во моментов цената на гасот на берзата во Холандија е 96,6 евра за мегават час. Тоа треба да се помножи по 10,5 и ќе се добие цена од околу 1.000 евра. Тоа е цена само за да го добиеш гасот. Покрај тоа, има и трошоци за транспорт низ туѓи држави, трошок за трговецот кој треба да има некоја маржа. Негативно влијае и курсот на доларот кој постојано оди нагоре и е речиси едно евро за еден долар. Затоа никој не може да предвиди што ќе се случува“, изјави Бислимоски за МИА.
Тој прецизира дека предвидувањето на Виенската берза за цената на гасот за јуни годинава изнесува 103 евра за мегават час, за јули 104, август 104, септември 104, за третиот квартал од годинава 103 евра, за четвртиот 105 евра, за прв квартал 2023 година 104 евра, а во вториот квартал 88 евра. Сето тоа треба да се помножи по 10,5 плус да се додадат трошоците за транспорт и маржи и други трошоци.
Во моментов, како што кажа, ни Германија не може целосно да го замени рускиот гас. Опција за земјава е и приклучокот што Бугарија го гради со Грција со кој ќе се поврзе на гасоводот ТАБ, кој е во завршна фаза.
Како добра опција го посочи и поставувањето на фотонапонски електрани на покривите на домовите и на индустриските капацитети.
„Во РКЕ неделно добиваме од 10 до 15 барања од фирми за лиценци за поставување фoтоволтаици на нивните покриви. Со измените на Правилникот за обновливи извори на енергија што ги носи Министерството за економија и во домовите ќе може да се постават фотоволтаици и да го продаваат вишокот на електрична енергија на Универзалниот снабдувач, а до сега можеа само да излезат од регулираниот пазар и да одат на либерализиран пазар“, изјави Бислимоски.
Максималниот капацитет на нашиот гасовод е 800 милиони нормални кубни метри со тоа што може да се покачи до 1,2 милијарди, а во изминатата грејна сезона дојдовме до максималната потрошувачка од околу 425 милиони нормални кубни метри природен гас заради работењето на ТЕ-ТО 24 часа на ден.