Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во среда ќе ја посети Саудиска Арабија каде ќе се сретне со министрите за надворешни работи на земјите од Советот за соработка во Персискиот залив.
Според соопштението на Советот се очекува Лавров да се сретне со министрите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Оман, Кувајт, Бахреин и Катар во седиштето на GCC во Ријад, изјавија официјални лица, барајќи да останат анонимни.
Засега не се откриени повеќе детали за состанокот и фокусот на разговорите. Соопштено е само дека во истиот ден по средбата со Лавров шесте министри од Заливот, ќе одржат онлајн состанок со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.
Посетата на Лавров ќе се случи еден ден пред состанокот на ОПЕК во Виена, при што групата ќе се придржува до договорот за производство на нафта договорен минатата година и ќе ги зголеми целите за производство во јули за 432.000 барели дневно.
Руските сили во трка со времето, да го освојат Донбас пред да стигне европското оружје
Саудиска Арабија и другите членки на ОПЕК, кои имаат сојуз ОПЕК + со Русија, се под силен притисок од Западот да го зголемат производството на нафта и да ги смират високите цени среде руската инвазија на Украина.
Саудиска Арабија досега се спротивставуваше на таквиот притисок, тврдејќи дека високите цени на нафтата биле предизвикани од геополитиката, зголемените капацитети за рафинирање и повисоките даноци во западниот свет, наместо поради загриженоста за снабдување.
Но, Западот не се откажува. Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот тим планираат посета на Саудиска Арабија и Израел, откако тој ќе заврши со престојните Самити во Германија и Шпанија кон крајот на јуни, изјавија извори претходно овој месец.
Двајца високи американски функционери, Брет Мекгурк, главен советник на Бајден во Белата куќа за Блискиот Исток, и Амос Хохштајн, енергетски претставник на Стејт департментот, ја посетија Саудиска Арабија минатата недела. Двајцата официјални лица разговараа за Иран, глобалното снабдување со енергија и други регионални прашања со саудиските власти, но не побараа зголемување на извозот на саудиска нафта, соопшти Белата куќа.