Русија подготвена да овозможи извоз на жито од Украина

Азовско Море.

Москва е подготвена да соработува со Анкара за да ги ослободи украинските пристаништа што таа ги блокираше поради конфликтот во Украина, му рекол рускиот претседател Владимир Путин на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Путин ја истакна подготвеноста на Русија да придонесе за непречен поморски транзит на стоки во координација со турските партнери“, ја цитираше Кремљ изјавата на Путин.

Ова важи и за извозот на жито од украинските пристаништа, наведува Кремљ.

Двајцата претседатели разговарале за „обезбедување безбедна пловидба во Црното и Азовското Море“ и „елиминирање на заканата од мини во нивните води“.

Десетици контејнерски бродови се блокирани во украинските пристаништа кои се опкружени со руски сили, со што се задушува извозот на пченица и други стоки од Русија и Украина, кои заедно сочинуваат околу 30 отсто од глобалниот извоз на пченица.

Меѓународната заедница ја повикува Русија да ги деблокира пристаништата и да дозволи извоз на украинско жито.

Путин минатата недела имаше телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц во кои наведе дека Русија е подготвена да помогне во изнаоѓањето опции за непречен извоз на жито од пристаништата на Црното Море.

Но, тој го доведе во корелација релаксирањето на блокадата од страна на Русија со отстранувањето на санкциите што Западот ги воведе кон Москва по нејзината инвазија.

Кабинетот на Ердоган соопшти дека тој му рекол на Путин дека Турција е подготвена да ја продолжи улогата во завршувањето на војната во Украина, вклучително и учеството во можниот „механизам за набљудување“ меѓу Украина, Русија и Обединетите нации, се вели во соопштението.

Преговорите во Истанбул во март не успеаја да постигнат никаков напредок, но Турција, која има блиски врски и со Киев и со Москва, постојано се истакнуваше како можен посредник.