Менструална сиромаштија и ракети

МАКЕДОНИЈА - „Менструалната хигиена не е привилегија“ и женска сиромаштија беше мотото на денешниот протест пред Министерството за финанасии организирано од неколку невладини организации. Тие бараат намалување на ДДВ за менструални производи од 18 на 5 проценти со цел намалување на таканаречената менструална сиромаштија, субвенционирање на цената на производи за менструација во основните и средните училишта и јавните тоалети на товар на буџетот. 

МАКЕДОНИЈА - Нема посериозно повредени луѓе при пожарот кој избувна во поранешната фабрика „Македонија Табак “ во Тетово. Надлежните велат дека во болница се јавиле неколку луѓе со потешкотии при дишење поради чадот од пожарот кој во 9 часот избувна во објектите на старата фабрика. Пожарот се уште не е изгасен и се шири кон маганицските простории на поранешниот индустриски објект.

САД - Соединетите Американски Држави нема да и достават на Украина ракетни системи со долг дострел што можат да допрат до цели во Русија, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Собранието Талат Џафери апелира до колегите пратеници да се однесуваат државнички и да овозможат одблокирање на изборот на уставни судии за да може да се комплетира Уставниот суд и да продолжи со нормално функционирање и во полза на граѓаните, се наведува во соопштението на Кабинетот на претседателот на Собранието, по денешната средба во Уставниот суд.

МАКЕДОНИЈА - За полагање на државната матура се пријавени вкупно 15 899 кандидати од учебната 2021/2022 година. Од нив, 7135 се ученици од гимназиско образование, 8504 од стручно и 260 од уметничките училишта.

ЕРМЕНИЈА - Опозициските демонстранти во Ереван се судрија со полицијата за време на протестот против начинот на кој ерменската влада се справува со спорот со Азербејџан за Нагорно-Карабах.

МАКЕДОНИЈА - Пратеничката опозициска група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“, денеска, официјално ја поднесе Интерпелацијата за работата на Претседателот на Собранието, Талат Џафери. Координаторот на групата Никола Мицесвски изјави дека оваа интерпелација е резултат на, како што вели, хаосот кој што се случува во Собранието, а е под директива на Џафери. Тој додава дека во изминатиот период се почесто се забележува прекршување на Деловникот со, како што вели, самоволието кое што го спроведува Џафери во законодавниот дом, со што сериозно го загрозува угледот на оваа институција.

АЛБАНИЈА - Албанскиот парламент денеска не успеа да избере нов претседател, откако ниту еден кандидат не беше номиниран за третиот круг на гласање.

УКРАИНА - Украинската група „Калуш Оркестра“ која победи на овогодишниот евровизиски натпревар го даде на аукција својот трофеј за да помогне во финансирањето на воените напори на земјата против инвазијата на руските сили. Фолк-рап бендот имаше енергична изведба во Торино на финалната евровизиска вечер. Оваа група победи на 66-та Евровизија на почетокот на овој месец во Италија со својата песна „Стефанија“.

НЕПАЛ - Пронајдени се остатоците од авионот кој неодамна исчезна во планините на Непал, соопштија надлежните. Авионот превезувал 22 патника и членови на екипаж. До сега пронајдени се само 14 тела, а потрагата по останатите и натаму трае.

ЕУ - Лидерите на ЕУ за време на дводневниот Самит на Унијата нема да успеат да се договорат за забрана на руската нафта, рекоа лидерите за време на доаѓањето на Самитот кој започнува на 30 мај.