Државна матура ќе полагаат речиси 16 илјади ученици, испитите се на 4 и 13 јуни

Архивска фотографија - полагање државна матура.

За полагање на државната матура се пријавени вкупно 15 899 кандидати од учебната 2021/2022 година. Од нив, 7135 се ученици од гимназиско образование, 8504 од стручно и 260 од уметничките училишта.

Првиот екстерен испит – Мајчин јазик и литература ќе се полага в сабота, 4 јуни. Според податоците на Државниот испитен центар, за македонски јазик се пријавени 11 060, за албански јазик 4308 и за турски јазик 313 матуранти.

Полагањето на вториот екстерен испит е закажано за 13 јуни. Најмногу пријави има за англиски јазик – 14 320 кандидати, за математика се пријавиле 1231, за германски јазик 118, триесет кандидати има за тестот по француски јазик, 10 за руски јазик, 15 ќе полагаат филозофија и 100 кандидати се пријавени за естетика.

Резултатите од испитите треба да бидат објавени најдоцна 30 дена од полагањето на вториот екстерен испит. Покрај екстерни, матурантите имаат и два интерни испита и една проектна задача.

Учениците кои завршуваат средно образование и оваа година ќе полагаат државна матура како и минатогодишната генерација, која се избори за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми.

Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради КОВИД-19, а на барањето на минатогодишните матуранти да им бидат олеснети условите, бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит.