Тетовската „Македонија Табак“ гори над пет часа, употребени и хеликоптери во гасењето на пожарот

Пожар во Македонија табак во Тетово

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов од местото на пожарот во Тетово изјави дека во гасењето на пожарот се активирани хеликоптери од МВР со чија помош е истурена вода врз дел од на објектите од „Македонија Табак“ каде од утринава беснее силен пожар.
Се уште се работи на локализирање на пожарот.

„Се работи за фабрика во која што меѓудругото картони, гипс картони и други материјали бидејќи постои опасност од загадување на воздухот побаравме да биде извршена анализа на воздухот, на квалитетот на воздухот за да провериме дали здравјето на граѓаните е загрозено. Се уште чекаме информации, почетните информации се дека нема отровни гасови што би биле непосредно загрозувачки бидејќи ние стоиме во непосредна близина.Доколку гасовите се отровни, ние не би можеле да стоиме овде, но тоа не значи дека овие гасови не можат да бидат штетни“, изјави Ангелов.

Тој посочи дека преку Центарот за управување со кризи се активирани сите надлежни институции. На новинарските прашања околу користењето на хеликоптерот при гасењето на пожарот, Ангелов изјави дека проблем е самиот покрив на објектот под кој има бетонска плоча, па како што вели, колку и да фрла хеликоптерот вода, водата не може да продре преку покривот и плочата.

„Хеликоптерот го употребивме тогаш кога проценивме дека може да помогне во сечење на линијата на пожарот за да продолжи неговото ширење. На одредено растојание околу стотина метри од местото каде што е пожарот најверојатно има садови со експлозив, со експлозивни гасови, односно плин или други деривати на плинот. Наша цел е пожарот да го прекинеме неговото ширење и сметам дека тоа веќе успешно се прави“, додаде Ангелов.

Тетовските ученици ќе останат два дена дома поради густиот чад од пожарот во Македонија Табак

На местото на пожарот командува командирот на Тетовската противпожарна единица и целата координација се одвива со него, соопшти директорот. Според него хеликоптерот е ангажиран по барање на тетовската пожарна. Дополнително испратени се цистерни и противпожарникарски возила од Скопје и Гостивар, а побарана е помош и од АРМ.

“Покрај војниците од тетовската касарна на пат кон Тетово е и тимот од радиолошко хемиска биолошка заштита, кои можат да направат едно првично испитување на воздухот, но воедно од страна на ЦУК се упатени барања до врвни стручњаци и институции коишто ќе направат детална анализа на воздухот“, изјави Ангелов.

Општина Тетово преку секторот за образование донесе одлука во наредните два дена да не се одржи настава во училиштата поради загадениот воздух од чадот од пожарот.

„Апелирам до сите граѓани да останат дома, да не излегуваат од дома ако немаат некаква работа, не дека е критично, но поради загадување на воздухот да останат дома, да видиме што ќе се случи. Ние со пожарникарите сме на терен. Тие работат да го блокираат загадувањето на воздухот, да го локализираат пожарот“, изјави Бесар Дурмиши од Совет на Тетово.