Состојбата во Уставниот суд е сериозна, со четири судии помалку отколку што предвидено со Уставот, изјави денеска претседателката на Судот Добрила Кацарска по средбата со државниот врв. Таа посочи дека со ваквата ситуација Судот се соочува за првпат и со секој поминат ден граѓаните трпат штети, бидејќи нивни иницијатвии и предмети се одложуваат, а Судот не може да одлучува.
„Доколку до декември не се изберат нови уставни судии, тогаш судот дефинитивно ќе се блокира и ќе треба да излеземе и да кажеме дека влегуваме во уставна криза, затоа што Судот со четворица судии нема да може да работи и одлучува“ изјави Кацарска.
На денешниот работен состанок со Кацарска присуствувале претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери.
Професори, обвинители и советничка- кои се предложените нови уставни судии?
Во соопштението од кабинетот на претседателот е наведено дека во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав, со целосен капацитет и во соодветни технички услови.
„Претседателката на Судот посочи на проблемите со кадровската неекипираност, а исто така ги претстави техничките услови за работа на судот и потребата за нивно подобрување,“ се наведува во соопштението.
На средбата биле пренесени и неколку иницијативи во однос на исполнувањето на надлежностите на судот, вклучувајќи ја можноста за воведување на уставна тужба со проширување на надлежностите на Уставниот суд.
Претседателот Пендаровски ја истакна потребата за скорешно надминување на предизвиците во работата на Уставниот суд, посочувајќи дека во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав, со целосен капацитет и во соодветни технички услови.
Уставниот суд заложник на партиски пресметки
Кацарска во прес конференцијата истакна дека на состанокот го отворила и прашањето за воведување на уставна тужба.
Уставниот суд, според Кацарска, функционира на граница од кворум и многу луѓе се засегнати од предметите кои заостануваат, како што е законите за социјална заштита, за јавно обвинителство, за даноци и одлуки за оспорување на ДУП-ови.
„Овој проблем е на штета на граѓаните. Состојбата е проблематична и во очите на меѓународната заедница. Апелирам Уставот да се почитува. Важни прашања, како што се Указот за прогласувањето на Преспанскиот договор и Законот за јазиците нема да бидат ставени на дневен ред на седница се додека не се изберат сите девет судии во Уставниот суд“, изјави Кацарска.