Првата декада на Фестивалот за квир култура, уметност и теорија

Џули Толентино - фото Малиа Баранова

Со изложбата „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“ што на 2 јуни, во 20.30 часот, ќе биде отворена во Музеј на современа уметност, ќе започне јубилејниот десетти по ред Фестивал за квир култура, уметост и теорија Викенд на гордоста Скопје.

Временски планиран во два термина, од 2 до 11 јуни, и потем од 15 до 17 септември, а просторно во Музеј на современа уметност, Мала Станица, МКЦ, Театар комедија, КСП ЈАДРО и Станица 26, на Главниот град и на македонската културна сцена, во периодов што следува ќе и се случи десеттото јубилејно издание на Фестивалот за квир култура, уметост и теорија Викенд на гордоста Скопје, чијашто цел генерално е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување. Односно, да фрли малку повеќе светлина врз односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.

Фестивалот овојпат ќе започне со изложбата „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“ што ќе се случува во Музеј на Современа уметност, а курирана од Славчо Димитров и Биљана Тануровска – Ќулавковски. Во рамките на оваа поставка ќе бидат претставени архивски материјали и дела од Волфганг Тилманс, Нора Стојановиќ, Милош Коџоман и Драгољуб Бежан, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Јане Чаловски, Кочо Андоновски, Наташа Гелева, Музејот на современа уметност Скопје, STEAM ROOM, Александар Георгиев, ВикторијаИлиоска, и многу други. За време на отворањето на изложбата за публиката ќе биде изведен и најновиот перформанс на Христина Иваноска, како и најновото кореографско дело на Александар Георгиев.

Оваа изложба е резултат на заедничките долгорочни истражувања со Славчо Димитров, а се однесуваат на она што ние ги нарекуваме „другото тело“. Она тело кое изведува другост во однос на институционализараните уметнички рамки, нормативните политички апарати како и на сексуалните и родовите режими на политика на тела кај нас. Конкретно, изложбата се фокусира, на различни изведувачки, дискурзивни и кураторски практики, односно перформативни аспекти во полето на уметноста и вон него. Делата и праксите кои се дел од изложбата, се наше читање, и една архива на современи квир/феминистички перформативи во Македонија која нема за цел да претстави историја на визуелните, изведувачките и дискурзивни репрезентации ниту пак да го врами квир перформативот во идентитетски рамки, туку го поставува во поширок контекст на перформанс практики. Изложбата ќе го опфати периодот од од 70те години на 20 век до денес, вели Билјана Тануровска Ќулавковски.

Веќе наредниот ден, на 3 јуни, повторно во МСУ, публиката ќе има можност да ги проследи перформанси на Џули Толентино и Стош Фила од САД. Џули Толентино е култна американска уметница со филипинско и салвадорско потекло, која во своите перформанси/инсталации ги истражува меѓупросторите на расата, родот, релационалноста и архивот.

На 4 јуни, пак, десеттиот Викенд на гордоста Скопје, ќе му биде домаќин на легендарниот Дејвид Хојл од Велика Британија, познат во 1990-тите години како Дивајн Дејвид. Од друга страна, во рамките на јунската програма предвидени се и јавното предавање на Јасмина Тумбас (САД), која на 07 јуни во МСУ ќе ја претстави својата последна книга - „Јас сум Југословенка!: феминистичка изведувачка политика за време и по југословенскиот социјализам“ објавена од Manchester University Press. Потем следуваат и перформативните презентации на Џесмин Херн, заве мартоарџоно, Џеј Бoj и Сара А.О. Роснер (САД) во Мала станица реализирани во соработка со Локомотива, а јунското издание на Фестивалот ќе биде заокружено на 11 јуни, со нашите ПичПрич, и СРАМОТА! – односно Вечерта на раскажување квир приказни.

Конечно, во најавата за септемвриската програма треба да се спомене дека публиката ќе има можност да ги проследи танцовата претстава на францускиот кореограф Матје Окемије, перформансот на Јулишка Стенгеле од Австрија, како и вечерта на воугинг и дрег забава. Згора, да кажеме и тоа дека годинава каталогот за Фестивал ќе биде збогатен и со првиот превод на македонски јазик на францускиот филозоф Жан Лик Нанси, кој ќе биде достапен за посетителите на отворањето на манифестацијата.

А, основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот за квир култура, уметост и теорија Викенд на гордоста е ЕКСТАТИЧНИ ТЕЛА. Кураторскиот избор на фестивалската тема всушност се потпира на феминистичкото и квир наследство и тековниот придонес во теоријата, уметноста и политиката, а кое ги поставува телесноста, субјективитетот и афектите како централни оски на критика, мобилизација, изведба и промислување. Критичката феминистичка и квир практика и мисла во преден план ги става отвореноста и проточните граници на телесноста, односно релационата, еколошката и процесуалната перформативност на телесната материјалност, полот и родот, како и етичките и политички импликации кои произлегуваат од онтолошката претпоставка за телесната ранливост, изложеност, неизвесност и променливост. Тргнувајќи од таму, Фестивалот ја става онтолошката екстатичност и дарежливост на телесниот живот во фокусот на уметничките, културните и теориски пракси кои ќе бидат дел од програмата, како можност наново да биде опсервиран поседничкиот и господаречки субјект на капиталистичкиот патријархат, и да биде отворен хоризонт кон радикално преосмислување вкотвено токму во меѓу-телесната отвореност кон другоста.

Во 2013 беше првото издание на фестивалот. Во еден многу поскромен и ограничен формат, ориентиран исклучиво кон ЛГБТИ заедницата. Таа година беше и годината кога бевме брутално нападнати во ЛГБТИ Центарот за поддршка во Чаршијата, додека течеше фестивалската програма, напад кој до ден денес не е расчистен од полицијата, нити пак е покренато обвинение од Обвинителството. Во 2016 година одлучивме фестивалот да го развиеме во програма која ќе вклучи висококвалитетна и светски релевантна културна продукција, и ќе ги презентира најзначајните современи квир и феминистички уметници и теоретичари од Регионот, Европа и светот. Низ текот на годините Фестивалот успеа да се етаблира како еден од најзначајните фестивали на локално нивно, и воопшто како еден од најважните квир фестивали за уметност, кутлура и перформанс и меѓународно. Од друга страна, истиот успеа да изгради, не само постојана, туку и растечка публика, чијшто број расте секоја година, па можеме да кажеме, да се пофалиме, дека во просек имаме под 150-200 луѓе на секој од перформансите, изложбите ги гледаат повеќе од 600 луѓе, а медиумите покажуваат интерес за програмата. Мислам дека со фестивалов успеавме да покажеме дека локалната, како квир, така и генерална публика, е жедна за перформанс уметност, и за квир уметност, дека знае да препознае и ужива во висококвалитетна програма и уметничка продукција, и не се задоволува со едноставни и еднозначни квазиуметнички дела, туку ужива во комплексноста, многуслојноста и интерсекционалноста на уметноста. Од друга страна, во контекст на тотален молк и мрак за квир и родовите теориски дискурси, успеавме да создадеме пракса на преводи и читања на теорија, на што сме посебно горди. Изградивме соработки со различни институции, групи, организации, нешто кон што целевме од самиот почеток на фестивалот. Конечно, лично како куратор сум особено горд што во текот на овие години успеавме да ги донесеме и претставиме во Скопје некои од најзначајните, култни, легендарни современи (квир) уметници и перформанс артисти. Тоа го гледам/е како свој историски и архивски влог во конкретниот контекст, којшто е хомофобичен и населен со прилично стерилни културни институции (со чест на исклучоците), истакнува Славчо Димитров.

Кон ова само уште информацијата дека организатори на Фестивалот за квир култура, уметост и теорија Викенд на гордоста Скопје се Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство со Локомотива, МСУ, ТИИИИТ! Инк., КСП Центар-ЈАДРО и Терапија. Од друга страна, манифестацијата има поддршка од Министерството за култура, Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Фондацијата Фридрих Еберт, Амбасадата на Франција, Фондацијата отворено општество Македонија и Сигрид - Раузинг.