Украинската група „Калуш Оркестра“ која победи на овогодишниот евровизиски натпревар го даде на аукција својот трофеј за да помогне во финансирањето на воените напори на земјата против инвазијата на руските сили. Фолк-рап бендот имаше енергична изведба во Торино на финалната евровизиска вечер. Оваа група победи на 66-та Евровизија на почетокот на овој месец во Италија со својата песна „Стефанија“.
Бендот на 29 мај објави дека ја продал својата награда од кристал во форма на микрофон на украинска веб- берза за криптовалути.
„Посебна благодарност до тимот Whitebit, кој го купи трофејот за 900.000 долари и тие сега се вистинските сопственици“, се вели во соопштението на бендот.
Бендот, исто така, ја донираше и розовата шапка на фронтменот Олех Псиук со потпис на Панама за време на хуманитарниот концерт во Берлин на 29 мај, а целиот приход од продажбата ќе биде дониран за поддршка на украинската војска.
ТВ презентерот и организатор на аукцијата Серхи Притула изјави дека планот е да се искористат собраните средства за купување на воени беспилотни летала од украинско производство ПД-2.
Русија започна целосна инвазија на Украина на 24 февруари, но не успеа во првите обиди да го освои украинскиот главен град. Борбите сега се насочени кон источниот дел на Украина, каде што силите на Киев се вклучени во жестоки битки додека се спротивставуваат на руската офанзива.