Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден денеска пристигна во градот Увалде во државата Тексас за да упати сочувство на семејствата на жртвите од пукањето во основното училиште Роб, при што беа убиени 19 ученици и двајца наставници, пренесува новинската агенција АФП.
Според АФП, Бајден во друштво на сопругата Џил го посетил споменикот пред училиштето, се сретнал со роднините на жртвите и присуствувал на католичката миса.
Во пресрет на неговото патување во Увалде во сабота, 28 мај, во својот говор на Универзитетот во Делавер, Бајден повика на акција за да се спречат слични масакри во иднина во земјата каде што напорите за заострување на регулативите за огнено оружје постојано пропаѓаат.
„Не можеме да ја направиме трагедијата нелегална, но можеме да ја направиме Америка побезбедна. Конечно можеме да го направиме она што треба да го направиме за да ги заштитиме животите на луѓето и нашите деца“, рече Бајден.
Инспекторите во Тексас сè уште го бараат мотивот за нападот, обидувајќи се да утврдат колку критични грешки биле направени како одговор на смртоносното пукање во Увалде и зошто речиси 20 полицајци останале пред училницата во основното училиште додека децата во паника бараат помош .
Напаѓачот, 18-годишниот Салвадор Рамос, кој го напуштил средното образование, немал криминално досие или историја на ментална болест. Полицијата го уби напаѓачот.
Главниот службеник за безбедност во Тексас на 27 мај изјави дека полицијата донела погрешна одлука во врска со масакрот во основното училиште.
„Ако мислев дека тоа ќе помогне, би се извинил“, изјави Стивен МекКроу на прес-конференција.
Тој рече дека полицајците не влегле во училиштето бидејќи не верувале дека пукањето се уште трае.
Масакрот во училиштето одново ја отвори националната дебата за законите за оружје во земјата, а американскиот претседател Џозеф Бајден повика на нови ограничувања за оружјето, во обраќањето до нацијата по нападот.