Хуманитарна акција за помош на бегалците од Украина кои престојуваат во Македонија

Илустративна фотографија

Заменик-народниот правобранител Јован Андоновски заедно со Амбасадата на Украина во Македонија и Здружението на Украинци во претходните денови организираше хуманитарна акција за помош на бегалците од Украина кои престојуваат во Северна Македонија.

На прес-конференција денеска Андоновски рече дека целта на спроведувањето на оваа акција е да се помогне на лица кои се во неволја и се дојдени само со една торба лични работи што, како што рече, едвај успеале да ги соберат во бранот на воените дејствија што Русија ги спроведува врз Украина.

„Тоа што го добивме како информација од Амбасадата на Украина и Здружението на Украинци во Севена Македонија е дека тие лица се соочуваат со низа проблеми, како што се сместувањата, понатаму недоволните средства со кои располагаат и затоа бевме поттикнати да ја организираме оваа акција преку која се пристапи на оние средства што им беа најпотребни, пред сè храна, облека, витамини, средства за хигиена, како и парични средства“, изјави Андоновски.

Тој вели дека проблемите се далеку посериозни бидејќи бегалците од Украина имаат проблеми со моменталниот статус во државата, односно немаат можност да пристапат до пазарот на трудот, а со тоа не можат да остварат сопствени извори на приход.

Роман Буга, заменик-амбасадор на Украина, се заблагодари за помошта и поддршката и се надева дека ќе продолжат ваквите хуманитарни активности.

„Многу сме среќни што луѓето од вашата земја даваат силна поддршка на нашата земја, на нашите Украинци, во ова тешко време во кое веќе четврти месец во Украина владее страшна војна. Многу луѓе ги напуштија своите домови, својата земја, за сите нив е потребна голема поддршка како материјална така и морална. Сите видови на поддршка се добредојдени затоа сме ви благодарни на сите вам. Велите дека сте мала земја, но ние секојпат одговараме дека имате големи срца и токму оваа ситуација покажува дека вистинските пријатели се гледаат во тешки времиња и јас се надевам дека оваа акција како дел од целосната поддршка на Украинците сместени во Северна Македонија ќе биде продолжена“, рече Буга.

Олександар Урбановиќ од Здружението на Украинците во Северна Македонија информираше дека заедно со Амбасадата на Украина во Северна Македонија успеале да испратат 14 камиони хуманитарна помош, и апелираше дека сè уште е потребна помош, а сите кои сакат да помогнат тоа можат да го направат во магацинот на „Горска“ во Ѓорче Петров.

„Уште на самиот почеток на војната во Украина почувствуваме голема поддршка од Македонија и со таа поддршка заедно со Амбасадата успеавме во Украина да испратиме 14 камиони хуманитарна помош. Со овој настан ќе помогнеме на одреден дел од луѓето што се тука во Македонија, можеби нешто ќе се прати и за Украина и со тоа ние ќе имаме можност да им помагаме на оние кои секојдневно се под стрес од оваа војна. Помошта во првата прилика ќе биде или испратена во Украина или споделена тука меѓу Украинците на кои им е потребна“, порача Урбановиќ.

Во моментов, во Македонија пријавени се околу 300 бегалци од Украина кои имаат службени потврди, сместени кај роднини или пријатели. Меѓу нив има мали деца, но и повозрасни лица на кои им е потребна социјална и здравствена помош.

Заменик-народниот правобранител информираше дека има и лица кои воопшто се немаат регистрирано и престојуваат на основа на туристички престој во државата и според некои неофицијални информации вкупно има околу 1000 Украинци.

Организаторите апелираа до државните органи што поскоро да се реши статусот на бегалците од Украина, со цел да имаат пристап до пазарот на трудот, здравствена заштита, образование. Ова прашање, вели Андоновски, не мора да се реши со билатерален договор помеѓу двете држави, може да се реши и со одлука на извршната власт.