Вучиќ по разговорот со Путин: Србија ќе има поволна цена за рускиот гас

Русија - Рускиот претседател Владимир Путин присуствува на состанок со неговиот српски колега Александар Вучиќ во Сочи, Русија, 25 ноември 2021 година.

Србија ќе има многу поволна цена на гасот, а договорот ќе биде потпишан на три години, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.

На прес конфренција, Вучиќ изјавил дека имал добар разговор со рускиот претседател и дека разговарале за неколку различни теми, а за Србија најважно е што се договорени главните елементи на новиот договор за гас, кој ќе биде потпишан на три години.

Тие елементи, како што рече, се многу поволни за Србија, а формулата што се користи досега ќе остане иста, па цената ќе биде „многу поволна“.

Сегашниот договор за испорака на руски гас истекува на 31 мај.

Србија е доминантно зависна од Русија во енергетскиот сектор, а монополот на пазарот на нафта и гас го има руската компанија Газпром.

Оваа компанија директно или преку своите подружници е мнозински сопственик на поранешниот домашен гигант на Нафтената индустрија на Србија. Таа е, исто така, единствениот снабдувач на гас за Србија и мнозинскиот сопственик на двата гасоводи кои доставуваат гас од Русија до домаќинствата и индустријата во Србија.

Испораката на гас беше главна тема за време на посетата на Вучиќ на Русија на 25 ноември 2021 година.

Тој тогаш по средбата со Путин изјави дека во следните шест месеци цената на рускиот гас за Србија нема да се менува и дека ќе биде 270 долари за илјада кубни метри.

Вучиќ тогаш рече дека со Путин разговарал за условите од новиот договор, дека нема право да зборува за детали додека не се потпише договорот, но изрази очекување Србија да биде „задоволна“ и дека цената ќе биде „ исклучителна“.

Според соопштението од Кремљ, Путин рекол дека ќе се најде „прифатливо решение“ за цената на рускиот гас за Србија.

Русија на 24 февруари започна инвазија врз Украина, која, меѓу другото, го стави рускиот енергетски сектор под санкции на Европската унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).

Финска на 21 мај потврди дека Русија ја прекинала испораката на гас за земјата откако нордиската земја одби да му плати на рускиот снабдувач Гаспром во рубљи.

Русија претходно ги прекина испораките на гас за Полска и Бугарија, кои одбија да го платат ова гориво во рубљи.