Протест за правата на жените во Авганистан

Авганистан - Авганистанските жени протестираат против декретот на лидерот на талибанците за задолжителен хиџаб во Кабул, 10 мај 2022 година

Извикувајќи „леб, работа, слобода“, дваесетина жени излегоа на улиците на главниот град на Авганистан, Кабул за да протестираат против строгите ограничувања на нивните права од страна на Талибанците.

Талибанците ги укинаа правата на жените откако се вратија на власт во август 2021 година.

На девојчињата им е забрането да одат на училиште по шесто одделение во поголемиот дел од Авганистан. Во март наредија и затворање на средните училишта за девојки утрото кога требаше да се отворат.

„Образованието е мое право! Повторно отворете ги училиштата! скандираа демонстрантите, пред Министерството за образование.

Демонстрантите маршираа неколку стотици метри пред да го завршат собирот додека властите распоредија талибански борци во цивилна облека, јави дописникот на новинската агенција АФП.

„Сакавме да прочитаме декларација, но талибанците не дозволија. Тие им ги земаа мобилните телефони на некои девојки, а исто така не спречија да фотографираме и да снимаме видео од нашиот протест“, изјави демонстрантката Жолија Парси за новинската агенција.

Откако ја презедоа власта по повлекувањето на меѓународните трупи од земјата разорена од војна, талибанците ветија дека ќе владеат поинаку отколку за време на нивниот брутален режим во 1990-тите, кога жените беа затворени во нивните домови, им беа изрекувани казни како каменување и јавни егзекуции.

Овој месец талибанските власти во Авганистан одлучија жените да мора да ги покриваат лицата на јавно место во таа земја, според указот на врховниот лидер на групата Хибатула Ахунџада.