Во Македонија порано се оди во пензија, но и покус е животниот век

Илустрација

Според податоците од пензиските фондови, најдолго се работи во Италија, Грција, Норвешка, каде што границата за редовно пензионирање е 67 години, а најрано во пензија се заминува во Русија.

Во земјите од Балканот, возраста на која може да се оствари пензија е слична и се движи околу 64-65 години.

Но, разлики има и во очекуваниот животен век, кој при раѓање во ЕУ во 2020 година изнесува 80,4 години, што е за 0,9 години пониско споредено со претходната 2019 година.

Италијанците мора да работат најдолго. Но, тие имаат и доста долг очекуван животен век од 82,3 години.

Подолго се работи и во Холандија каде условите за пензионирање за мажи и жени се до 66 години и седум месеци. Меѓутоа, на тие во Холандија им требаат само пет години работно искуство или исто толку години престој во оваа земја, a имаат и очекуван животен век над 80 години.

Кај нас очекуваниот животен век е 74,4 години, покажуваат податоците на Евростат.

Животниот век при раѓање во земјава споредно со 2019 година е намален за 2,2 години, кога бил 76,6 години, што е најголемо намалување меѓу сите земји во регионот.

Во земјите од регионот најдолг очекуван животен век при раѓање имаат Грците – 81,4 години, потоа следи Хрватска – 77,8, Албанија – 77,4, Црна Гора – 75,9, Србија – 74,5 и Бугарија – 73,6 години.

Највисок очекуван животен век на ниво во ЕУ при раѓање имаат жителите на Норвешка, Исланд и Швајцарија – по 83 години, додека најмал Бугарија – 73,6 години и Романија – 74,2 години.