Шолц и Макрон го повикаа Путин да се вклучи во директни преговори со Зеленски

ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон ја посетија Бранденбуршката порта, додека таа е осветлена во боите на украинското знаме, среде рускиот напад врз Украина, во Берлин, 9 мај 2022 година.

Германскиот канцелар Шолц и францускиот претседател Макрон го повикаа рускиот претседател Путин да се вклучи во „сериозни директни преговори“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски и да се најде дипломатско решение за конфликтот, соопштија од Берлин по телефонскиот разговор меѓу Путин, Макрон и Шолц.

Украинската и руската страна од март немаат остварено средба за мировни преговори.

Од канцеларијата на Шолц соопштија дека тој и Макрон „инсистирале на итен прекин на огнот и повлекување на руските трупи“, за кои аналитичарите велат дека во моментов се фокусираат на освојување територија во источна Украина.

Кабинетот на францускиот претседател Макрон пак соопшти дека тој и Шолц, исто така, го повикале Путин да ги ослободи илјадниците украински борци заробени по неколкунеделното руско бомбардирање во фабриката за метал, во јужниот украински град Мариупол.

„Претседателот на Републиката и германскиот канцелар побараа ослободување на околу 2.500 бранители на Азовстал, воени заробеници од страна на руските сили“, соопштија од кабинетот на Макрон.