Делчево виа Москва

РУСИЈА - Кремљ ја обвинува Украина за закочувањето на мировните преговори меѓу двете земји, велејќи дека не им е јасно што сака Киев.

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против седум лица во случајот за купување земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици во делчевско-беровскиот реон, за што била остварена имотна корист од околу 1,5 милиони евра. За шестмина е побаран притвор, додека за една осомничена се предложени мерки на претпазливост.

РУСИЈА / УКРАИНА - Во редок приказ на политички протест во Русија, група пратеници кои ја претставуваат Комунистичката партија во регионот Приморје на Далечниот Исток го повикаа рускиот претседател Владимир Путин да ги прекине воените операции во Украина и да ги повлече сите војници од земјата.

МАКЕДОНИЈА / УКРАИНА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи е во Киев на средба со неговиот украински колега Дмитро Кулеба и други високи државни претставници на Украина, соопшти МНР.

ГРЦИЈА / САД / ИРАН - САД ја конфискуваа иранската нафта од брод управуван од Русија во близина на грчкиот остров Евија во Егејското Море, се наведува во вчерашните новинарски извештаи каде се цитирани грчки извори.

КИНА / РУСИЈА / СЕВЕРНА КОРЕЈА - Кина и Русија ставија вето на резолуцијата на ОН спонзорирана од Соединетите Држави, која би ги заострила санкциите кон Северна Кореја како одговор на нејзиното најново лансирање на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM).

УКРАИНА / САД - Повеќе од 4.000 цивили се убиени во Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, иако вистинската бројка е веројатно многу поголема, објави Канцеларијата на ОН за човекови права. Според информациите на Канцеларијата, која има десетици набљудувачи во земјата, досега загинале вкупно 4 031 лице, вклучително и околу 200 деца.

КОСОВО / САД - Амбасадата на Соединетите Држави во Косово вели дека Вашингтон ги поддржува сите напори за регионална соработка, вклучително и иницијативата „Отворен Балкан“, покрената од Северна Македонија, Србија и Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.