Османи-Кулеба: Поддршка за евроинтеграциите на Украина и на Северна Македонија

Минситрите за надворешни работи на Украина и Северна Македонија Дмитро Кулеба и Бујар Османи во Киев

Во рамките на својата денешна посета во Украина, шефот на дипломатијата Бујар Османи се сретна со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, со кого разговарале за актуелната војна во оваа земја, но и за евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија и Украина, соопштија двајцата министри на заедничка прес-конференција за медиумите.

„Слободата на Северна Македонија и секоја друга европска земја денеска се брани во Украина, и Украина ја заслужува сета почит, помош и поддршка поради тоа. Поддршката кон Украина не треба да се намали, напротив, треба да се зголеми сè додека целосно не се повлечат руските трупи од територијата на оваа земја. Само на тој начин ќе може да се спречи нечие непосакувано влијание да создаде проблеми и да предизвика дестабилизација во Европа, “ изјави Османи, појаснувајќи дека државата од почеток се приклучила кон сите мерки на осуда и санкции против Руската Федерација.

Централна тема на разговорите била руската агресија врз Украина и нејзините последици врз украинската држава и граѓани, но и пошироко.

Соговорниците се сложиле дека во прашање е грубо кршење на меѓународното право и неиспровоциран напад врз суверенитетот на една земја, но и сериозен обид да се уништат темелите на регионалната и глобална безбедност и стабилност.

Кулеба му се заблагодари на министерот Османи за целата помош и додаде дека се што побарале добиле од македонската страна. Истакна дека се работи за големо пријателство кое ќе продолжи и понатаму.

Инаку на средбата се разговарало и за европската перспектива на двете земји, влијанието на украинската војна врз овој контекст и потребата процесот да го добие своето зголемено внимание, согласно новата геополитичка и безбедносна динамика.

Османи рече дека ќе ја поддржи кандидатурата на Украина, а потоа и Кулеба изрази поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ.

За време на својата посета во Киев, министерот Османи ја реотвори Амбасадата на Република Северна Македонија во Украина со што истата е ставена во полна функција.