Многу најави за позитивни промени пред самитот на Отворен Балкан во Охрид

Знамињата на државите кои се дел од иницијативата Отворен Балкан

По денешниот видео-конференциски состанок со српскиот претседател, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, Ковачевски на својот Фејсбук профил напиша дека разговарале за забрзување на имплементацијата на проектите во рамките на Отворен Балкан.

„Со Отворен Балкан ги отстрануваме работните дозволи и ги признаваме дипломите. Бариерите паѓаат, а ние се поврзуваме побрзо“, истакна Ковачевски и нагласи дека на самитот во Охрид на 7 и 8 јуни фокусот ќе биде насочен на туризмот и културата.

Српскиот претседателот Александар Вучиќ пак по разговорите со партнерите од двете земји изјави дека се подготвуваат големи работи за граѓаните.

„Отворен Балкан е најдобрата иницијатива за народите на Балканот. Подготвуваме големи работи за граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија, порача Вучиќ на инстаграм профилот „будучностсрбијеав“, заедно со фотографии од видео-конференцијата.

На средбата присуствуваа и српскиот министер за финансии Синиша Мали, министерката за трговија Татјана Матиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС) Марко Чадеж.

На почетокот на јуни во Охрид се очекува средба во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, на која ќе присуствува и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.

Како што јави РТЦГ, Абазовиќ изјави дека се уште не слушнал валиден аргумент дека оваа регионална иницијатива не е добра за Црна Гора.

Иницијативата која на почетокот се нарекуваше Мини Шенген, е основана во октомври 2019. Од тогаш се одржани неколку состаноци. Последниот се одржа во декември 2021 во Тирана, кога беа потпишани договорите за слободен проток на пазарот на труд меѓу трите земји, како и неколку договори од областа на ветерината и фотосанитарната инспекција.

Иницијаторите на Отворен Балкан постојано повторуваат дека оваа иницијатива е инклузивна и ги повикуваат другите земји од Западен Балкан да се приклучат.