Седуммина осомничени за купувањето парцели за фотоволтаици во делчевско

Илустративна фотографија

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против седум лица во случајот за купување земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици во делчевско-беровскиот реон, за што била остварена имотна корист од околу 1,5 милиони евра. За шестмина е побаран притвор, додека за една осомничена се предложени мерки на претпазливост.

Истрагата се отвора откако вчера Финансиската полиција извести дека е поднесена кривична пријава за седуммина, од кои двајца во својство на управители на ЕВН Електрани. Тие се сомничат за сторено кривично дело измама во служба за купопродажба на ниви во Делчево.

Како што денеска информираа од ОЈО, за двајца постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „измама во службата“ од член 355 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик, додека останатите се осомничени за „помагање при извршување на кривичното дело“. Притоа наведуваат дека во текот на 2021 година, двајцата во својство на управители, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на Управниот одбор на оштетено правно лице, а потоа и овластеното лице во правното лице да извршат незаконита исплата.

„Во постапка за купување на недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици, двајцата осомничени не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки и не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат. Притоа намерно исклучиле дел од вработените лица кои поради нивната стручност било задолжително да бидат вклучени во постапката, а на дел од вработените им дале директни наредби и насоки за изготвување на cost benefit анализи за исплатливоста на инвестицијата, вметнувајќи невистинити податоци и прикривајќи ја реалната состојба. Врз основа на лажните податоци од анализите за исплатливост, изготвени по наредба на двајцата осомничени, купопродажбата била оценета како погодна, па на 15.09.2021 година надзорниот одбор на правното лице донел одлука – Одобрение за купување на недвижниот имот“, соопштија од ОЈО.

Со таквите дејствија, како што посочуваат, првоосомничениот и второосомничениот влијаеле да бидат одобрени изготвените невистинити анализи од страна на доминатниот акционер во компанијата и да се реализира инвестицијата за купување на недвижен имот – вкупно 48 катастарски парцели во КО Делчево, КО Ветрен, КО Габрово и КО Берово од кои биле 29 во сопственост на останатите осомничени.

Според Јавното обвинителство, осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето.

Оттаму посочуваат дека правното лице, врз основа на склучените договори, за недвижност – земјоделско земјиште од 5, 6, 7 и 8 класа, со вкупна проценета пазарна вредност од 2.146.723 денари, на продавачите им исплатило парични средства во вкупен износ од 99.431.060 денари. Разликата помеѓу исплатената сума и реалната вредност на парцелите изнесува околу 97.284.337 денари (околу 1,5 милион евра) и претставува значителна имотна корист што ја оствариле осомничените.

Истрагата се отвора откако вчера Финансиската полиција извести дека е поднесена кривична пријава за седуммина, од кои двајца во својство на управители на ЕВН Електрани за сторено кривично дело измама во служба за купопродажба на ниви во Делчево.