Вонреден коалициски совет вечерва во Софија, тема е Македонија

Бугарскиот премиер Кирил Петков

На барање на бугарскиот премиер Кирил Петков, вечерва во Софија ќе се одржи вонредниот совет на коалициските партнери во бугарската Влада, каде главна тема ќе бидат односите со Македонија.

Како што објави БНР, на советот се очекува Петков да им објасни на коалициските партнери зошто побарал од претседателот на Бугарија, Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност и да го претстави досега постигнатото во дијалогот со Скопје.

Во пресрет на вечерашниот состанок, дел од партнерите во Владата се изјаснија дека нема да поддржат промена на позицијата на Софија кон Скопје и тргање на ветото за ЕУ.


Станислав Балабанов од Има таков народ на Слави Трифонов, изјави дека ќе слушнат што ново има да каже Петков, но нивниот став е јасен и базиран на позицијата утврдена со декларација од 44-то Народно собрание и на претседателскиот советодавен совет.

И потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин, член на Бугарската социјалистичка партија (БСП) изјави дека Бугарија во моментов нема причина да го укине ветото за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ, бидејќи не бил постигнат никаков напредок.

Инаку, бугарскиот премиер го најави свикувањето состанок на коалицискиот совет при посетата на Рим и Ватикан на 24 мај, заедно со информација од бугарското МНР за текот на разговорите со земјава.

Македонија пред јунскиот самит на ЕУ сеуште е под бугарско вето за старт на пристапните преговори кое трае веќе 2 години.