Од Талат Џафери до Кевин Спејси
СРБИЈА / РУСИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека в недела има договорено разговор со својот руски колега, Владимир Путин.
САД - Британските обвинители денеска поднесоа обвинение против холивудската ѕвезда Кевин Спејси за четири случаи на сексуално злоставување на тројца мажи. Обвинителството наведе дека Спејси е обвинет и за принудување на друго лице да „учествува во сексуална активност без негова согласност“.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Владата на Велика Британија денеска објави пакет мерки во вредност од неколку милијарди фунти за финансиска помош за домаќинствата со најниски приходи, и поради тоа им воведува еднократен данок од 25 отсто на екстра профит на нафтените и гасни компании.
ПЕРУ - Силен земјотрес денеска го погоди југот на Перу. Геолошкиот топографски институт од САД соопшти дека земјотресот бил со магнитуда од 7,2. Исплашените граѓани истрчале на улиците. Засега нема информации за штети или повредени.
ПАКИСТАН - Поранешниот пакистански премиер Имран Хан во последен момент го откажа протестот во Исламабад, со образложение дека сака да ѝ даде на актуелната влада шест дена да одреди датум за избори.
ТУРЦИЈА - Турската централна банка ја задржа непроменета основната каматна стапка петти месец по ред, и покрај годишната стапка на инфлација од скоро 70 отсто.
АЛБАНИЈА - Премиерот на Албанија Еди Рама ја понудил на користење од страна на НАТО поранешната советска поморска база Пашалиман.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Собранието Талат Џафери не го прекршил Деловникот, тврдат од неговиот Кабинетот, по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Џафери синоќа ги заклучил во салата со купола каде требаше да се одржи 71. Седница, за што денеска најавија и барање за негова интерпелација.
АВГАНИСТАН - Група жени организираа протести во Кабул против продолженото затворање на училиштата за девојчиња над шесто одделение, откако висок функционер на ОН предупреди дека ограничувањата на талибанските права на жените имаат за цел да ги направат жените „невидливи“.
БУГАРИЈА - Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин смета дека е неопходно е да се свика ново заседание на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност посветено на темата за Северна Македонија, бидејќи тоа прашање е „доволно контроверзно“, а само бугарскиот претседателот Румен Радев на иста маса да ги собере сите партии.
РУСИЈА - Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека западните новинари ќе бидат протерани од Русија доколку Јутјуб ги блокира брифинзите на нивната портпаролка.
ГЕРМАНИЈА - Владимир Путин нема да победи во војната во Украина, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, оценувајќи дека рускиот претседател веќе не успеал во сите свои стратешки цели.
САД / МАКЕДОНИЈА - Американскиот претседателот Џо Бајден ја објави својата намера за номинирање на Анџела Прајс Агелер како кандидат за вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Северна Македонија, соопшти синоќа Белата куќа.
СЕНЕГАЛ - Единаесет новороденчиња загинаа во пожар во болница во западниот сенегалски град Тивауан, непосредно пред полноќ. Настанот на Твитер го потврди претседателот на земјата Меки Сал.
ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за денеска најави седница на Советот за национална безбедност за нова воена операција во северниот дел на Сирија. Досега имаше неколку знаци на воени движења кои претходеа на последните четири упади на Турција во пограничната зона на соседната земја. Ваквата најава на претседателот Ердоган поттикна шпекулации за потенцијални цели, при што сирискиот град Тал Рифаат се појавува како примарна цел на секоја операција.