Владата на Велика Британија денеска објави пакет мерки во вредност од неколку милијарди фунти за финансиска помош за домаќинствата со најниски приходи, и поради тоа им воведува еднократен данок од 25 отсто на екстра профит на нафтените и гасни компании.
Министерот за финансии Риши Сунак соопшти дека владата очекува дека преку еднократниот данок ќе собере околу 5 милијарди фунти (5,8 милијарди евра) во текот на наредната година. Тој рече дека околу осум милиони најсиромашни домаќинства ќе добијат еднократна државна помош од по 650 фунти (763 евра), за да може да ги платат сè повисоките сметки за струја.
Сунак наведе дека во еднократниот данок ќе биде пресметан и „инвестициониот џепарлак“ за компаниите да се мотивираат да го реинвестираат профитот.
Британскиот премиер Борис Џонсон претходно се спротивстави на еднократниот данок, додека владата претходно соопшти дека тој потег би можел да ги попречи инвестициите во енергетскиот сектор. Сепак, сега го сменија ставот во услови кога се под сè поголем притисок поради растот на цените на струјата и на храната.
Претходно оваа недела, британската Канцеларија за пазарот на гас и струја соопшти дека сметките за струја во земјата од есен би можеле да порасната за уште 800 фунти (939 евра) годишно.
Во април оваа година, инфлацијата достигна девет отсто, што е највисока стапка во последните 40 години. Годишните сметки за струја за милиони Британци во април пораснаа за 54 отсто, односно за 700 фунти (околу 822 евра) во просек по домаќинство.