Млади, а „прегорени“: За анксиозноста се молчи пред врсниците

Илустрација - Работилница за ментално здравје на тема „Burn Out“ синдром, во МладиХаб

НМСМ со серија работилници за млади го одбележува мај како месец за подигнување на свеста за менталното здравје. Според НМСМ, интересот за учество меѓу младите е голем. Според соговорниците на РСЕ, бројот на млади кои зборуваат за менталното здравје надвор од вакви активности, е мал

Младите мака мачат со анксиозност и стрес, но наместо за тоа отворено да зборуваат со пријателите, тие се оддалечуваат од друштвото и се плашат дека ќе бидат сфатени како ранливи ако побараат помош од стручно лице - ова за РСЕ го сподели седумнаесетгодишна средношколка од Велес.

„Важно е да се обрне внимание проблемите за кои никој не зборува, односно за психичките проблеми. Нашите генерации најмногу се справуваат со овие проблеми. Тоа го препознавам кај мене, но и кај други млади. И свесна сум дека тоа е нормален проблем и дека не се справувам со тоа само јас“, додава средношколката.

Бидејќи како што вели, го препознала проблемот, таа се пријавила на работилниците кои ги организира Националниот младински совет (НМСМ), за да го одбележи мај како месец за подигнување на свеста за менталното здравје.

„Прегорени млади“

Работилниците отвораат различни аспекти на менталното здравје, а една од нив се фокусираше на таканаречениот “Burn Out“ синдром или синдромот на прегорување.

„Преоптовареност, премногу ангажираност, измореност, исцрпеност, прегорување... Вака би се опишал „Burn Out“ синдромот. Воопшто не бев свесна за него, но кога почнав да зборувам сфатив дека го имам бидејќи бев во еден период кадешто си давав премногу обврски, а не можев сите да ги исполнам. И на крајот кога сфатив дека го имам, a работилниците ми помогнаа за тоа како да почнам да го спречувам. Ако продолжев да си ги наметнувам тие обврски и уште и да прифаќам други, јас уште повеќе ќе западнев во тој синдром и затоа научив да кажувам: „Не!“, изјави за РСЕ, Александра Атанасова, студентка по Психологија, која била дел од работилницата.

Таа истакнува дека младите треба да кажат „не“ кога се преморени и да постават граница за тоа што сакаат да го постигнат, а не само да целат некаде, без да знаат знаат каде тргнале. Има впечаток дека младите не се отвораат лесно на тема ментално здравје и мислат дека тоа е нешто минливо, но потенцира дека анксиозноста е минлива само ако се работи на неа.

„Во последно време младите покажуваат интерес, но конкретно во моето друштво не се случило некој да каже: „Јас сум анксиозен“ и слично... Затоа што повеќето не се ни свесни за таа анксиозност. Само мислат дека моментално се тажни, дека таков е периодот, дека се помине, а всушност не работат на тоа тој период да помине. Само се трупа, се трупа и анскиозноста расте, а некогаш доаѓа и до депресија“, вели студентката Атанасова.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Млади од регионот дебатираа во Скопје: Проблеми подвлечени со црвено

Ако не може очи во очи со врсниците, може во работилниците и пред стручните лица

„Минатата година работевме на програма за ментално здравје со којашто покривме повеќе од 850 бесплатни сесии со психолози, за млади лица. Тогаш, во рок од една седмица се пријавија 250 млади лица коишто почувствувале дека имаат потреба од сесија со психолог“, изјави за РСЕ, Александра Филиповска, менаџерка за стратешки развој во НМСМ.

По ова искуство, Филиповска вели дека било очекувано младите брзо да ги пополнат местата за мајските работилници. 160 млади на возраст од 15 до 29 години се пријавиле за три дена.

„Откако го пуштивме повикот, имавме навистина голем број на пријавени, па моравме и предвреме да го затвориме повикот. Ова само го потврдува фактот дека е навистина важно да се работи со младите во однос на менталното здравје, бидејќи секогаш кога ќе пуштиме каков било повик во оваа насока, интересот е навистина огромен“, додава Филиповска.

Видете и ова: Диазепам во секој дом - со многу апчиња во борба со секојдневието

Според податоците за пријавените, менаџерката вели дека има еднаков интерес кај младите од поголемите градови, како и кај оние од руралните средини. За работилниците се заинтересирале и вработени и невработени, како и млади во процес на образование, но и оние кои веќе завршиле. Па, Филиповска заклучува дека без разлика на демографската позадина, сите млади имаат еднаква потреба за поддршка во однос на менталното здравје.

Првите три работилници се веќе реализирани, а четвртата и последна е закажана за на 31- ви мај и ќе биде на тема „Безусловно прифаќање на себеси, другите и светот“. Оваа, ќе ја води психологот Атанас Ивановски. Работилниците се спроведуваат во соработка со платформата разговор.мк, а со поддршка на Канцеларијата на Претседателот, во просториите на МладиХаб.