Иран тврди дека „несреќа“ во воен комплекс убила еден инженер

Илустративна фотографија

Иранското Министерство за одбрана соопшти дека се случила „несреќа“ во областа Парчин во близина на Техеран, во една од нејзините истражувачки единици, при што загина едно лице, а друго е повредено.

Парчин, на околу 60 километри југоисточно од Техеран е воена база каде Меѓународната агенција за нуклеарна енергија МААЕ претходно соопшти дека се сомнева оти Иран извршил тестови поврзани со детонации на нуклеарни бомби пред повеќе од една деценија.

„Во средата навечер, во несреќа што се случи во една од истражувачките единици на Министерството за одбрана во областа Парчин, загина инженерот Ехсан Гад Беиги, а еден од неговите колеги беше повреден“, соопшти Министерството.

Од таму не се наведени причините за несреќата, ниту пак се дадени дополнителни детали, туку само се наведува дека истрагата е во тек.

Иран во 2015 година и дозволи на МААЕ да земе примероци од животната средина во Парчин за да направи проценка на „можните воени димензии“ на иранската нуклеарна програма.

Иран вели дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирољубиви цели, но сега збогатува ураниум до 60 проценти чистота, неговото највисоко ниво досега и краток технички чекор до ниво од 90 проценти кое е потребно за изработка на оружје.

Во јуни 2020 година, експлозија предизвикана од истекување на резервоар се случи во областа Парчин во складиште за гас. Западните грижи за иранската атомска програма доведоа до санкции и до нуклеарниот договор на Техеран со светските сили во 2015 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година се повлече од договорот и повторно воведе остри економски санкции. Разговорите за заживување на договорот продолжија во Виена минатата година, но во последно време беа во застој.

Специјалниот пратеник на САД за Иран Роберт Мали вчера изјави дека изгледите за заживување на договорот од 2015 година во најдобар случај се „слаби“, велејќи пред комисијата на Сенатот дека е поверојатно дека разговорите ќе пропаднат.