Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе поднесат интерпелација за Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Интерпелација на претседателот на Собранието Талат Џафери ќе поднесат Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“, најави координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски.

„По вчерашниот ден во кој ние пратениците бевме заклучени во пленарната сала по наредба на Талат Џафери веќе е кристално јасно дека Собранието не е е повеќе демократска институција туку институција заробена од еден автократ кој што си дозволува да се однесува како Собранието да е приватна своина, непочитувајќи никаков Деловник и пред се крши основни човекови права“, изјави Мицевски.

За Талат Џафери, додаде тој, не постои Деловник и не постојат човекови права.

Притоа ги повика пратениците од СДСМ да им се приклучат и заедно да му кажат „стоп“ на собранискиот спикер.

„Исто така, го повикуваме и премиерот Димитар Ковачевски, еднаш барем да се заинетересира и да се постави како вистински премиер, а не да молчи и да бега од јавноста бидејќи ова што се случува е и негов срам“, рече Мицевски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ноќеска, неколку минути пред 23 часот ја прекина 71. седницата, на која почна расправата по 15. точка од дневниот ред - Дополнет предлог закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам. По 22 часот, во Собранието завладеа напната атмосфера откако претседателот Џафери нареди да се заклучи вратата на собраниската сала, за да можат службите да ги пребројат присутните пратеници. По ова, пратениците од опозицијата се собраа пред претседателот на Собранието и бурно реагираа.