Американскиот претседателот Џо Бајден ја објави својата намера за номинирање на Анџела Прајс Агелер како кандидат за вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Северна Македонија, соопшти синоќа Белата куќа.
Таа треба да ја наследи досегашната амбасадорка на САД во земјава Кејт Мери Брнз, доколку овој преглог биде одобрен. Ова не би било прв нејзин ангажман во земјава, бидејќи претходно во нејзината дипломатска кариера таа работеше и како претставник за односи со јавноста во Американската амбасада во Скопје.
Како што се наведува во официјалното соопштение на Белата куќа, Прајс Агелер е дипломат од кариера со функција министер-советник вработена во Службата за надворешни работи на Стејт департментот, која досега беше заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата на САД во Пакистан.
Претходно, била задолжена за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Париз, в.д. заменик помошник државен секретар во Бирото за Јужна и Централна Азија и во Канцеларијата на специјалниот претставник за Авганистан и Пакистан во Вашингтон, како и заменик помошник државен секретар за печат и јавна дипломатија.
Меѓу нејзините претходни ангажмани се и советник за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Пакистан, аташе за култура и печат во американската Амбасада во Виетнам, портпарол на Бирото за конзуларни прашања на Стејт департментот, а извршувала и повеќе должности во амбасадите на САД во Франција и во Индија.
Агелер е добитничка на бројни награди на Стејт департментот, вклучувајќи ја и Наградата за помошник секретар за извонредни остварувања, како и на Наградата „Милдред Синклер“. Дипломирала на Универзитетот во Јута, а зборува француски, македонски и делумно хинду јазик.