Единаесет новороденчиња загинаа во пожар во болница во западниот сенегалски град Тивауан, непосредно пред полноќ. Настанот на Твитер го потврди претседателот на земјата Меки Сал.
„Со болка и вознемиреност дознав за смртта на 11 новородени бебиња во пожарот во неонаталното одделение на јавната болница. На нивните мајки и нивните семејства им изразувам најдлабоко сочувство“, напиша тој.
Трагедијата се случила во болницата Маме Абду Азиз Си Дабах во транспортниот центар Тивауан, а била предизвикана од „краток спој“, според сенегалскиот политичар Диоп Сај.
„Пожарот се прошири многу брзо“, рече тој.
Според локалните медиуми, се работи за новоотворена, а градоначалникот на градот Демба Диоп посочил дека биле спасени три бебиња.
Во северниот град Лингере кон крајот на април, избувна пожар во болница и четири новороденчиња загинаа. Градоначалникот на тој град како причина за пожарот го навел електричниот дефект во единицата за климатизација во породилното одделение.
Настанот доаѓа повеќе од еден месец откако нацијата тагуваше за смртта на бремената жена која залудно чекаше царски рез. Жената, по име Астоу Сохна, пристигнала во болница во северниот град Луга со болки. Персоналот одбил да го прифати нејзиното барање за царски рез, велејќи дека тоа немала закажано.
Жената почина на 1 април, 20 часа по нејзиното пристигнување.
Смртта на Сохна предизвика бран на бес низ целата земја за лошата состојба на јавниот здравствен систем во Сенегал, а министерот за здравство две недели подоцна призна дека смртта можела да се избегне.
Три акушерки кои биле на должност беа осудени од Високиот суд во Луга на шест месеци условна затворска казна поради „не давање помош на лице во опасност“ во врска со нејзиниот случај.
Директорот на Амнести интернешенел во Сенегал, Сејди Гасама, рече дека неговата организација повикала на инспекција и надградба на неонатолошките услуги во болниците низ Сенегал по „грозоморната“ смрт на четирите бебиња во Лингер.
Со новата трагедија Амнести „ја повикува владата да формира независна истражна комисија за да ја утврди одговорноста и да ги казни виновниците, без разлика на нивото на кое се наоѓаат во државниот апарат“, напиша Гасама на Твитер.