Британскиот премиер Џонсон прифаќа одговорност за „карантинските забави“

Британскиот премиер Борис Џонсон

Британскиот премиер Борис Џонсон прифаќа „целосна одговорност за сè што се случило“ на забавите во службени простории за време на карантинот поради коронавирусот, на кои и тој присуствувал.

Тој сепак инсистира на тоа дека свесно не прекршил ниту едно правило и ги отфрла барањата на политичките противници да поднесе оставка.

Џонсон во одговорот на извештајот за истрагата за „карантинските забави“ наведува дека се чувствува посрамено и дека ја научил лекцијата, но вели дека е време да се продолжи напред и да се фокусира на државните приоритети.

Извештајот за истрагата за забавите на кои присуствувале Џонсон и неговите соработниците е објавен денеска, на 25 мај.

Високиот државен службеник Сју Греј, која ја водеше истрагата, наведе каде „високото водство мора да понесе одговорност“ за однесувањето кое дозволува да се случува кршење на правилата.

Истражувани се 16 забави на кои присуствувал Џонсон и негови соработници во текот на 2020 и 2021, во време кога на луѓето во Велика Британија им беше забрането движење поради мерките против коронавирусот.

Се водеше и одвоена полициска истрага во врска со забавите, при што се казнети 83 луѓе, меѓу кои и Џонсон.