Европската унија препорачува С. Македонија преку таргетирана поддршка на најранливите домаќинства и фирми да ги ублажи потенцијалните последици од економски шокови. А земјата треба на среден рок да почне да го намалува примарниот дефицит за да се врати на своето ниво пред кризата, односно 2019, препорачува ЕУ.
За оваа година е предвиден буџетски дефицит од 550 милиони евра, а дупката ќе се полни со нови задолжувања.
Советот на ЕУ денеска ги објави своите препораки од вчерашниот заедничкиот дијалог за економија и финансии помеѓу Унијата и државите од Западен Балкан и Турција, на кој секоја земја поднесе свои планови, јави дописничката на МИА од Брисел.
Меѓу препораките е и тоа дека е потребна сеопфатна даночна реформа и законски измени преку кои ќе се придонесе за зголемување на приходите со тоа што ќе се прошири даночната база.
ЕУ и земјава се согласиле дека е потребно внимателно да се анализира развојот на цените и да се биде подготвен за стегнување на монетарната политика за да се одржи ценовна стабилност на среден рок. Важно е да се задржи и независноста на централна банка, вели ЕУ, и за оваа цел да се изземе Народната банка од законот за јавни службеници.
Се препорачува, исто така, дека треба да се користи списокот на зацртани парафискални давачки за тие да се проценат и оптимизираат на централно и локално ниво.
Препораките се резултат на средбата одржана вчера помеѓу претставниците на Европската комисија, Европската централна банка, централните банки на шесте земји од Западен Балкан и на Турција, како и владини претставници од овие седум држави.