Ширењето на вирусот на мајмунски сипаници внимателно се следи, но не треба да има паника зашто оваа епидемија не е идентична и пропорционална со сѐ уште актуелната пандемијата со КОВИД-19, истакна денеска Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Мајмунски сипаници се болест која се шири во ендемичните басени во централна и западна Африка, но последниве месеци беа регистрирани десетици случаи надвор од овие области. Дел од нив и во Европа.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) веќе контактирал со Светската здравствена организација да се набави посебна опрема за дијагностицирање на овој вирус, а со СЗО се разговара и за набавка на потребната терапија.
На веб-страницата на ИЈЗ е објавена информација за симптомите на вирусот на мајмунски сипаници, за начинот на кој се пренесува, а за хоспитализирање дополнително ќе биде соопштено откако ќе бидат дефинирани клиничките патеки за кои се разговарало на денешниот состанок на КЗБ.
Карактеристичен симптом е промена на кожата во форма на егзем и појава на мали испакнатани и меурчиња, придружено со висока температура од над 38 степени, болки во мускулите, грбот и премаленост.
Симптомите не се разликуваат од останатите инфекции поврзани со сипаници и вирусот се потврдува со посебни ПЦР-тестови и опрема што се очекуваат во земјава, а наскоро, како што рече Мехмедовиќ, ќе биде целосно функционален и системот за справување со евентуална епидемија.
Како што претходно здравствените власти, ризикот од ширење на мајмунски сипаници меѓу општата популација е многу низок и преносот може да биде запрен надвор од ендемичните земји во Централна и Западна Африка.
Помалку од 200 потврдени и сомнителни случаи се пријавени од почетокот на мај во Австралија, Европа и Северна Америка, објави Светската здравствена организација (СЗО), што предизвика страв од ширење на болеста.
Иако мајмунските сипаници се познати веќе 40 години, СЗО соопшти дека за прв пат има неколку случаи во исто време во повеќе земји и меѓу луѓе кои не патувале во регионите на Африка кои се ендемски.