Москва нуди сигурен премин на извозот на храна од Украина во замена за олеснување на санкциите

Илустративна фотографија/ Трактор на нива во Украина

Москва би можела да дозволи бродовите што превезуваат храна да ги напуштат украинските пристаништа на Црното Море во замена за укинување на некои санкции наметнати на Русија поради нејзината инвазија на Украина, изјави заменик министерот за надворешни работи Андреј Руденко.

Украинските пристаништа се блокирани откако Русија ја започна својата војна против Украина на 24 февруари, оставајќи повеќе од 20 милиони тони жито заглавени во силоси во земјата.

Русија и Украина сочинуваат речиси една третина од светските резерви на пченица. Украина е исто така главен извозник на пченка и сончоглед, а блокадата на нејзините пристаништа придонесува за растечката глобална криза со храна.

„Постојано изјавуваме дека решението во оваа точка на проблемот со храната бара сеопфатен пристап, вклучително и укинување на санкциите што беа воведени за рускиот извоз и финансиските трансакции“, рече Руденко, цитиран од Интерфакс.


„И, исто така, бара деминирање од украинската страна на сите пристаништа каде што се закотвени бродови. Русија е подготвена да го обезбеди потребниот хуманитарен премин, што го прави секој ден“, додаде тој.

Русија е во контакт со Обединетите нации по ова прашање, изјави Руденко, пренесува друга новинска агенција, РИА.

Сепак, Руденко, според Интерфакс, предупредил и дека каква било можна придружба од западни бродови на бродовите во Украина кои превезуваат жито „сериозно ќе ја влоши ситуацијата во Црното Море“.

Руденко притоа ги отфрлил информациите во западните медиуми дека руските сили крадат жито од украинските пристаништа.

„Ние целосно го отфрламе ова. Ние не крадеме ништо од никого“, рече тој пред новинарите.

Си-Ен-Ен претходно објави сателитски фотографии кои наводно потврдуваат дека Русија извезува жито од Украина преку Крим, украинскиот полуостров што Москва незаконски го анектираше во 2014 година.