Сега е идеално време, да се признаат конзистентните напори на Северна Македонија и Албанија и да се пресретнат со прифаќање од страна на ЕУ, како заеднички ангажман за посигурна и посилна Европа отпорна да се спротивстави на кое било трето влијание, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на отворањето на панел дискусијата „Патот до Брисел“, како воведен настан на овогодишниот Преспа форум за дијалог, што од 16 до 18 јуни ќе се одржи во Охрид.
Османи истакна дека закочените интеграциски процеси за Северна Македонија се извор на системска ранливост, чии ефекти негативно се прелеваат врз целиот регион.
„Искрено веруваме, дека ова се историски времиња кои налагаат цврсти и навремени одлуки. Императив е да се отпочне со веќе долго задоцнетиот пристапен процес на Северна Македонија и Албанија сега во јуни, за време на француското претседателство со ЕУ. Кога, ако не сега“, истакна шефот на дипломатијата.
Тој нагласи дека и ако ништо не се случи сега, земјава ќе остане посветена на европските реформи, но ќе страда самиот политички моментум и ќе испрати погрешна порака кон останатите држави и граѓани од Западен Балкан.
„Ова не значи дека планираме да го напушиме европскиот пат. Ние сме уверени Европејци, со огромно убедување, со речиси 20 години од постигнувањето на спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ, одлични во спроведувањето и усогласувањето со европското законодавството и ќе продолжиме на тој пат“, изјави Османи.
Бараме, нагласи Османи, итно отворање на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ и повикуваме на преземање на сите напори за унапредување во кандидатски статус за членство во ЕУ на Босна и Херцеговина и Косово и поддржуваме напредок во преговорите за Црна Гора и Србија и посакуваме и работиме за создавање на одржлив и исполнет со содржина однос со Украина, Молдавија и Грузија.
Македонија веќе 2 години нема датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ поради бугарското вето, како резултат на прашања поврзани со историјата и јазикот на земјава.