Фајзер понуди лекови без профит за најсиромашните земји

Илустративна фотографија

Американскиот фармацевтски гигант Фајзер соопшти дека ќе ги продава своите патентирани лекови на непрофитна основа на најсиромашните земји во светот, како дел од новата иницијатива објавена на Светскиот економски форум во Давос.

„Сега е време да се започне со затворање на овој јаз меѓу луѓето со пристап до најновите третмани и оние кои немаат“, изјави извршниот директор Алберт Бурла пред присутните на ексклузивниот собир во швајцарското планинско одморалиште.

„Спогодба за поздрав свет“ се фокусира на пет области: заразни болести, рак, инфекции, ретки болести и женско здравје - каде што Фајзер моментално поседува 23 патенти, вклучувајќи ги и оние како вакцината против Ковид-19 и апчето Паксловид за третман на болеста.

Пет земји Руанда, Гана, Малави, Сенегал и Уганда се обврзаа да се приклучат, а уште 40 земји од кои 27 со ниски приходи и 18 со низок до среден приход, имаат право да потпишат билатерални договори за учество.

„Посветеноста на Фајзер поставува нов стандард, за кој се надеваме дека ќе го имитираат другите“, рече претседателот на Руанда Пол Кагаме.

Но, тој додаде дека ќе бидат потребни и „дополнителни инвестиции и зајакнување на здравствените системи и фармацевтските регулатори на Африка“.

Земјите во развој доживуваат 70 отсто од оптоварувањето со болести во светот, но добиваат само 15 отсто од глобалните здравствени трошоци, што доведува до катастрофални исходи. Низ субсахарска Африка, едно од 13 дете умира пред својот петти роденден, во споредба со едно од 199 во земјите со високи приходи.

Стапката на смртност поврзана со рак е исто така далеку повисока во земјите со низок и среден приход - предизвикувајќи повеќе смртни случаи во Африка секоја година отколку маларијата. Меѓу причините за ова се смета дека е ограничениот пристап до најновите лекови.

На основните лекови и вакцини вообичаено им требаат четири до седум години подолго за да стигнат до најсиромашните земји, а проблемите со синџирот на снабдување и здравствените системи со слаби ресурси им отежнуваат на пациентите да ги добијат откако ќе бидат одобрени.

Според најавите, фокусот ќе биде ставен на надминување на регулаторните предизвици и предизвиците за набавки во земјите, истовремено обезбедувајќи соодветно ниво на снабдување од страна на Фајзер.

„Непрофитната“ цена ги зема предвид трошоците за производство и транспорт на секој производ до договореното влезно пристаниште, при што Фајзер ќе наплаќа само трошоци за производство и минимални трошоци за дистрибуција. Компанијата исто така, користи средства од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс за да ја унапреди работата на вакцина против стрептокок од групата Б (GBS), водечка причина за мртвородени деца и смртност на новороденчиња во земјите со низок приход.

„Овој тип на договор е многу добар модел, тој ќе помогне да се извлечат лековите“, рече Гејтс на конференцијата во Давос, додавајќи дека „партнерствата со компании како Фајзер се клучни за напредокот што го постигнавме“ во напорите како што се вакцините.