Повеќе дојави за бомби во Сараево - во училишта, Владата, општината и судот

Илустративна фотографија/ Сараево

По дојави за поставени бомби утрово биле евакуирани стотици ученици од четири основни училишта во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево. Училиштата преку електронска пошта биле известени дека во објектите е поставена бомба, а учениците и наставниците, од превентивни причини, веднаш се евакуирани.

Од полицијата соопштија дека се преземени потребните мерки и дејствија кои опфаќаат контрадиверзивни инспекции на училишните институции на кои се однесуваат добиените пријави и евакуација на учениците и училишниот персонал.

Покрај во училиштата, вакви дојави денеска пристигнале и на адресите на Владата на кантонот Сараево.


Информацијата на својот Твитер профил ја објави премиерот на кантонот Сараево, Един Форто.

Мирза Хаџиабдиќ, портпарол на Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево, потврди дека извештаите биле испратени и до Општинскиот суд, општина Центар и до Владата на кантонот Сараево. Во иста зграда се сместени општината и Владата на КС.

На терен е полицијата која проверува дали заканата е реална. Во изминатиот период во Сараево зачестија дојавите за бомби, а досега биле лажни. Цели на анонимните закани, покрај училиштата се и судовите.

И во Србија во изминатите два месеци зачестија дојавите за бомби, пред сè во училиштата, но и во други институции.

Лажните извештаи за бомби имаше и во Црна Гора, а зачестени се во соседна Србија во последните неколку недели.


Припадниците на тамошните безбедносни служби идентификувале неколку земји од кои на адресите на јавните згради во Србија пристигнувале заканувачки пораки и лажни пријави за бомби, соопшти на 18 мај Министерството за внатрешни работи (МВП) на Србија.

„Утврдено е дека осум такви закани дошле од Полска, четири од Гамбија, по две од Иран и Нигерија и по една од Украина, Словенија и Русија“, соопштија од МВП.