Вселенскиот патријарх Вартоломеј го нарече историски момент отстранувањето на повеќедецениската шизма и изрази задоволство од последните случувања во црковното прашање. Во синоќешното интервју за грчката телевизија ЕРТ тој истакна дека Српската црква постапила правилно да се придружува кон одлуката на Вселенската Патријархија и објасни дека уште пред одлуката на Вселенската патријаршијата постоел дијалог меѓу црквите на Северна Македонија и Србија.
„Во изминатиот период, пред нашата одлука, беше започнат дијалог со црквата на Скопје, но нашата одлука ѝ олесни на црквата на Србија и во четвртокот на 19 мај, Неговото Блаженство патријархот Порфириј, поглаварот на СПЦ го покани поглаварот на Охридската црква и имаа заедничка литургија во Белград. Ова нè исполнува со задоволство. Тоа е историски момент. Една шизма што траеше околу шест децении, по иницијатива на Вселенската патријаршија, заврши, беше отстранета и влегуваме во нов период. Оваа заедничка литургија, Србија ја нарече литургија за помирување и драго ни е за овие случувања“, рече вселенскиот Патријарх.
Во разговорот објаснува дека конкретното прашање со шизмата, многу години било во фокусот на Патријаршијата, а доста често доаѓале делегации од нашата црква за консултации, но и барања и од политичкото раководство. Посочи дека по „апелациското прибегнување (еклитон) на таа црква кон мајката црква, која според одлуката на четвртиот екуменски собор на Халкидон го има ова неотуѓиво право да одлучува за такви случаи на највисоко ниво“, била отстранета шизмата.
Поглаварот на Српската православна црква господин Порфириј на вчерашната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ - ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква. Неколку недели претходно, на 9 мај, Вселенската патријаршија ја призна за канонска МПЦ – ОА.