Пекол и рај

РУСИЈА - Русија соопшти дека донела одлука за санкции против 154 членови на британскиот Парламент како реакција на сличните чекори кои беа преземени од западните земји против голем број на Руси поради неиспровоцираната инвазија на Кремљ врз Украина.

МАКЕДОНИЈА / СРБИЈА - Поглаварот на Српската православна црква господин Порфириј на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ - ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква. Тој во својот говор изјави дека сега на чекор синодите на двете цркви да ги завршат правните документи, по што ќе биде изготвен официјалниот акт и сите останати православни помесни цркви по канонскиот ред да бидат известени. Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан се заблагодари и рече дека ова е божје чудо и убавина од рајот.

УКРАИНА - Новинарот на РСЕ, Владислав Јесипенко, кој отслужува долга затворска казна во Русија поради обвиненијата за шпионажа што тој и неговите поддржувачи ги отфрлаат, ја доби наградата за слобода на пишување, the PEN/Barbey Freedom to Write Award, која САД ја доделува на политички затвореници.

МАКЕДОНИЈА / ШВАЈЦАРИЈА - Македонскиот претседател Стево Пендаровски во рамки на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, во своето обраќање истакнал дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметнала потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата на земјите од Западен Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на регионот, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот.

МОЛДАВИЈА - Молдавското обвинителство соопшти дека полиција врши претрес во домот на поранешниот претседател Игор Додон, по што ќе биде донесена одлука дали ќе биде приведен 47-годишниот политичар.

ФИНСКА / ШВЕДСКА - Шведска и Финска, кои аплицираа за влез во НАТО, ќе присуствуваат на самитот на алијансата во Мадрид следниот месец, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез. Самитот ќе се одржи од 28 до 30 јуни.

РУСИЈА - Московскиот суд ја потврди 9-годишната затворска казна за опозицискиот политичар Алексеј Навални, кој веќе е зад решетки поради претходна пресуда што тој и неговите поддржувачи ја нарекоа политички мотивирана. Навални учествуваше на сослушувањето на 24 мај преку видео-врска од казнената колонија во Владимирската област. Навални изјави: Она што го прави Путин е бесмислено. Еден луд крадец ја зафати Украина и никој не разбира што сака да прави со неа. Вашето време ќе помине и ќе гориш во пеколот.

СРБИЈА / МАКЕДОНИЈА - Македонскиот претседател Стево Пендаровски на Економскиот форум во Давос имал куса средба со неговиот српски колега Александар Вучиќ, на која ја поздравиле одлуката на СПЦ за прифаќање на афтокефалноста на МПЦ-ОА.

ЕУ - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ја обвини Русија дека ги користи како оружје резервите на храна бидејќи цените на житото, маслото за јадење и другите прехранбени производи се зголемуваат за време на инвазијата на Москва врз Украина, еден од најголемите светски производители на пченица.

МАКЕДОНИЈА - Со видео обраќање од Рим, македонскиот премиер Димитар Ковачевски испрати честитка по повод признавање на автокефалноста на Македонската православна црква Охридската Архиепископија. Честитки за признавањето на автокефалноста упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

УКРАИНА - Дваесет земји ветија нова воена помош за Украина во нејзината битка против руски воени сили, објави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин по вториот состанок на Украиската контакт група.