Денот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј стана историски ден. Ова е првата реакција од сите политичари во земјата по признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква Охридска Архиепископија од Српската православна црква на денешната заедничка литургија во скопскиот храм „Св. Климент Охридски“.
Претседателот Стево Пендаровски со честитка се јави од Давос во придружба на неговиот српски колега Александар Вучиќ.
„Со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ на кратка средба во Давос заеднички ја поздравивме одлуката на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ – ОА, како чекор во вистинска насока“, објави претседателот Пендаровски на својата Фејсбук страница.
Според него денешната одлука на Српската православна црква, ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија.
Премиерот Димитар Ковачевски кој денеска со владина делегаија присуствува на чествување на словенските просветители во Рим со видео порака им честиташе на граѓаните за големиот успех.
„Голем е денешниот ден, историски кога ги чествуваме светите браќа Кирил и Методиј да ја добиеме и автокефалноста на нашата држава, како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство и духвната величина на древната Охридкска Архиепископија и како автентичен дел на македонскиот идентитет“, изјави премиерот.
Владеајчката ДУИ со писмено соопштение им честиташе на православните христијани за денешната вест, додавајќи дека одлуката на СПЦ е важна за стабилноста во целиот регион бидејќи става крај на долгогодишниот спор, кој како што велат, создал многу контроверзии кои ги потресуваа темелите на мирот.
„По Охридскиот и Преспанскиот договор, и овој решен спор е пример за мирен протагонизам на двете страни во време кога демонстрацијата на такво нешто е повеќе од потребно. ДУИ смета дека овој пат на помирување и негување на добрососедски односи со ист епилог, нашата земја треба да го продолжи во спорот со соседна Бугарија за деблокирање на интегративните процеси во семејството на Европската Унија,“ се вели во нивното соопштение.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изјави дека ова е голем историски ден и честитката ја упати до Синодот и народот.
„Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови“, изјави Мицкоски.
Заедничко на сите политичари во нивните честитки се изразените очекувања дека наскоро 55 годишниот спор ќе заврши со потпишувањето на Томосот за автокефалност од Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј .
Веста што ја обзнани српскиот патријарх Порфориј, стана прва вест и во српските медиуми.
„Патријархот Порфириј ја благослови автокефалноста на Македонската православна црква“, „Соборот на СПЦ едногласно ја одобри автокефалноста на МПЦ“, „Српската православна црква ја призна автокефалноста на МПЦ – Охридска архиепископија, се очекува томос на признавање“, се најчести наслови во српските медиуми кои во живо ја пренесуваа денешната заедничка литургија.
Поглаварот на Српската православна црква господин Порфириј на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ - ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква. Тој во својот говор изјави дека сега на чекор се Синодите на двете цркви да ги завршат правните документи околу орагнизацискиот технички аспект, по што ќе биде изготвен официјалниот акт и сите останати православни помесни цркви по канонскиот ред да бидат известени.
Патријархот на СПЦ Порфириј очекува дека сите помесни цркви ќе го прифатат автокефалниот статус на Македонската православна црква - Охридската архиепископија.